Тренчевска од Женева: Нотиран напредок на државата во областа на права на децата

На вториот ден од презентацијата на Извештајот на Република Северна Македонија по Конвенцијата на ООН за правата на детето во Женева, делегацијата предводена од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, учествуваше во интерактивен дијалог со цел објаснување на постигнувањата на нашата држава во областа на правата на детето. Нашите претставници одговараа и на поставените прашања од страна на членовите на Комитетот, информираат од МТСП.

-Определбата на нашата земја е повеќе од очигледна и ќе останеме доследни на истата во иднина. Согласно презентираното преку националниот извештај, листата на одговори по дополнителни прашања и на двете сесии на интерактивниот дијалог, јасно манифестирана е посветеност на државата за унапредување и заштита на основните човекови права на децата како индивидуа. Постигнатиот прогрес е нотиран, но истовремено претставува и поттик за јакнење на нашите напори во насока на гарантирање на најдобриот интерес на детето и почитување на детските права од секој аспект, рече Тренчевска.

Од МТСП известуваат дека претставниците од делегацијата ги одговориле прашањата кои се од интерес на нивното ресорно министерство и дале детален приказ на работата и заложбите на Република Северна Македонија.

-Беше потенциран и мултисекторскиот пристап како и вклученоста на граѓанските организации во надминување на предизвиците и унапредување на основните права на децата, велат од МТСП.

Во фокус на дискусијата биле и лицата со попреченост при што министерката истакнала дека во една држава и да има само едно дете со попреченост треба да се преземаат политики и мерки како и да се овозможи негово вклучување во сите општествени сфери.

Back to top button
Close