Тренчевска: ВМРО да не ги плаши приватните компании и работодавачите, може да се обезбедат пари за 600 евра минималец

Пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јованка Тренчевска, изјави дека преку ребаланс на Буџетот и рационално кратење на трошоците за луксуз на власта може целосно да се обезбедат до 200 милиони евра за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите.
Таа побара од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да не ги плаши работодавачите и компаниите, нагласувајќи дека решението на СДСМ нуди поддршка и за работниците и за бизнисите.
„Само за зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра. Со кратење од 20 до 30 отсто на трошоците за стоки и услуги – возила, мебел, патувања, репрезентации и комфор на функционерите – може да се обезбедат околу 130 милиони евра. Дополнително, со кратење на разните трансфери се обезбедуваат уште 75 милиони евра, односно вкупно над 200 милиони евра“, истакна Тренчевска.
Таа оцени дека не е прифатливо да има средства за луксуз, патувања и партиски вработувања, а да нема пари за работниците. Според неа, неосновани се тврдењата дека зголемувањето на минималната плата ќе ја загрози економијата или работењето на компаниите.
„Во мандатот на СДСМ минималната плата порасна од 8.000 на 22.000 денари, без да се загубат работни места или да се наруши економијата. Напротив, со повеќе пари кај граѓаните се зголемува потрошувачката и домашното производство. Ако власта навистина сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот. СДСМ ќе го поддржи“, порача Тренчевска.






