(Видео) Трендафилов го прашува Тошковски дали службите му ги следат децата и дали ги сликаат
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов денеска соопшти дека утре ќе има блокада на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата. Блокадата ќе почне во 12 часот на крстосницата пред Стопанската комора.

– Да не се грижат. Повторно ќе бидеме 21 претставник на Синдикатот, онолку колку што е потребно согласно законскиот минимум за да излеземе на улица и да блокираме. Пред Стопанската комора ќе блокираме газди кои ги блокираат работниците 36 години. Газди кои одбија до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати и да ја зголемат минималната плата, а „кукаат“ дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не можат да ги задржат. Ќе блокираме газди кои се исплашија од нападите на Владата и од политичките партии, рече Трендафилов. Додаде дека ќе блокираат се додека не се донесе одлука за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за 6.000 денари.
Трендафилов ги повика работниците кои утре ќе можат да им се придружат барем и на пет минути затоа што, како што рече, другите ги бројат.
– По завршување на блокадите ќе повикаме на голем работнички протест, на кој ќе организираме превоз од сите градови и ќе дадеме шанса на сите работници. Протест што ќе биде организиран во неработен ден за да излеземе многу повеќе од 21 човек на улица пред да го организираме генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор доколку и понатаму продолжат со игнорантскиот однос, изјави Трендафилов. Посочи дека има плата од 57 000 денари и нема да се откаже се додека не се постигне зголемување на работничките плати.
Претседателот на ССМ, Слободант Трендафилов на денешната прес-конференција реагираше во врска со видеото кое пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ го сподели на социјалните мрежи во кое, според нејзините тврдења, претседателот наССМ ги вози своите две малолетни деца со службено возило на синдикатот.
„Ќе дозволите да зборувам за монструмите. Оние кои не се под детските кревети, оние кои седат во пратеничките клупи, кои ги гледате во кафичите, кои ги среќавате на улица, кои ги имате во партијата, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија монструмите се покрај сите нас. Министерството за внатрешни работи, министерот за внатрешни работи, обвинителството, треба веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска. Истата Дафина која некој ја познава како богаташка, која ми ги објави малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да ме уценуваат. Мислејќи дека ако ме следат мене, преку децата, ќе ми направат шета и ќе ме замолчат. Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта и била тоа. Но нормален премиер, наместо да дава изјава дека ова е само почеток со заканите кон моите деца и кон моето семејство, ќе си даваше оставка или најмалку ќе ја разрешеше Дафина. Нормална влада во нормални држави за ваква работа паѓа. Во Собранието, го повикувам претседателот на Собранието, да поведе постапка за одземање на имунитетот на пратеничката за тоа што ќе се крие зад него во следните денови, кажа Трендафилов за објавеното видео од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ. објави Скопје1.мк
Претседателот на ССМ побара МВР, министерот Тошковски и Обвинителството веднаш да преземат мерки против пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска која, како што рече, „му ги објавила малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“.
Побара од претседателот на Собранието Гаши да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.
Изрази благодарност до инспекторите во МВР кои во текот на вчерашниот ден ги преземале сите мерки за кривичен прогон и ги обезбедиле сите потребни докази.
– Поставувам прашање до министерот за внатрешни работи: дали службите го следат претседателот на ССМ и дали му ги снимаат децата на претседателот на ССМ. Дали се поединци и ако се поединци веднаш да ги апсат. Јавниот обвинител веднаш да покаже дека правдата е еднаква за сите и дека сите ќе ги стигне, рече Трендафилов.
Додаде дека објавувањето на малолетни деца е злоупотреба и не е дозволено никаде во светот.
A post shared by iNFOMAX mk (@infomax.mk)






