Трендафилов: Имаше притисоци врз вработените да не дојдат на протестот

Претседателот на Сојузот на Синдикати на Македонија во вечерашната Топ Тема зборуваше за притисоците кои вработените ги добивале се со цел да не излезат на протестот за повисоки плати.
„Во текот на вчерашниот ден до нас доаѓаа огромен број на информации за притисоци за вработени кои сакаа да дојдат на протестот. Можеби ќе беше двојно. Имавме штрајк брејкери помеѓу родовите на синдикатите. Прво тие се највиновни и најмногу ги разочаруваат работниците. Затоа што синдикалци им се закануваат, синдикалци праќаат соопштенија да не се излегува, поточно од нивните членови“, изјави Трендафилов.
Според него огромен број од работниците се охрабриле и покрај притисоците на директорите да дојдат на протест.
„На пример во Македонски пошти имавме притисок. Тоа беше лично кон мене како претседател на ССМ дека ќе ме тужеле, само за да не замолчат и работниците да не излезат на протест. Денеска пристигна информации дека од Тутунски комбинат Прилеп еден од тамошните директори за кој утре точно ќе знаеме име и презиме и ќе го објавиме со слика. Тој се заканувал на вработените во никој случај да не дојдат на протест во Скопје. Истото се случи и со колегите од образование“, објасни Трендафилов.






