Трет форум за зајакнување на копродукциите на документарниот филм меѓу земјите од Балканот

– Во индустрискиот сегмент на 12. Фестивал на документарни филмови „МакеДокс“, од 23 до 25 август се одржува третото издание на форумот  МакеКоПроДокс чија цел е да развие стратешки план за зајакнување на копродукциите на документарниот филм меѓу земјите од Балканот.

Форумот се одржува онлајн од студио сместено во Младинскиот културен центар. Првите два дена се одржаа четири сесии во кои беше вклучено претставување на филмските центри и поединечни проекти од Балканот, тематската сесија „Западно-источен начин на ’продавање на кромидот‘ – Добри практики за национална дистрибуција и промоција на документарци на интернационални пазари и фестивали“, како и пичинг на 11 проекти кои аплицираа за учество на форумот.

Организаторите на фестивалот информираат дека во претставување на документаристичкиот амбиент на Балканот се вклучија филмските центри на Србија,  Црна Гора, Словенија, Грција, Бугарија, Косовскиот центар за кинематографија и Агенцијата за филм на Северна Македонија.

Модератори на форумот се Хеле Хансен, поранешен комесар за документарни филмови – Норвешки филмски институт, Бриџид О’Шеа и Зејнеп Ѓузел од Документарна асоцијација на Европа.

– Покрај претставници од националните филмски центри, пичингот на 11 проекти во фаза на продукција денеска  го следеа и претставници на повеќе фестивали и мрежи за документарни филмови, продуценти, агенти за продажба, како и Хајно Декерт, еден од најпознатите европски дистрибутери на документарни филмови, соопшти „МакеДокс“.

Форумот е организиран и поддржан од „МакеДокс“, Агенција за филм на Република Северна Македонија, Гете институт Скопје и Младинскиот културен центар

Back to top button
Close