Трет прекин на X (поранешен Твитер) за еден ден
Популарната социјална мрежа X (претходно Твитер) повторно се соочува со големи проблеми, трет пат во текот на денов, додека корисниците пријавуваат потешкотии со најавување и вчитување на платформата.
Според „Downdetector“, повеќе од 40.000 корисници пријавиле проблеми за време на втората блокада, наведувајќи дека веб-страницата на Икс не можела воопшто да се вчита. Сега, извештаите за нови проблеми повторно се зголемуваат.
Првиот пад на сервисот се случи претходно денеска, но беше брзо решен. Меѓутоа, вториот прекин беше многу поголем и, иако беше решен релативно брзо, сега е во тек и трет пад на платформата.
Познавачите велат, дека споредувајќи со претходните два прекина на Икс денеска, можно е оваа нова блокада да трае приближно 45 минути, доколку повторно се работи за DDoS напад. Претходните два пати, платформата се врати по околу 45 минути, но откако работата беше стабилизирана, повторно се урна за три часа, а меѓу втората и третата блокада поминаа само 30 минути.
Но, ова не е единствениот предизвик со кој се соочува Илон Маск денеска. Акциите на „Тесла“ забележаа нов пад од 11 отсто, а банката UBS предупредува дека дури и на ова ниво, акциите сè уште не се исплатливи за купување.
Вредноста на „Тесла“ е намалена за повеќе од 40 отсто од почетокот на годината.
Аналитичар на UBS прогнозира дека испораките на возила на „Тесла“ во 2025 година ќе се намалат за 5 отсто, што би значело втора последователна година со негативен раст за компанијата.