Третина од Сиријците биле под надзор на безбедносните служби на ал-Асад

Околу 8 милиони луѓе во Сирија, речиси една третина од населението на земјата, биле под надзор на тајните безбедносни служби на долгогодишниот диктатор Башар ал-Асад пред неговиот пад од власт минатата година, соопшти сириското Министерство за внатрешни работи, пренесува ДПА.

– Бројот на луѓе кои биле прогонувани од поранешниот режим поради политички причини надминал 8 милиони. Речиси една третина од сирискиот народ имал безбедносни досиеја во разузнавачката служба и други агенции, изјави денеска портпаролот на МНР во Дамаск, Нуредин ал-Баба.

Во Сирија во времето на ал-Асад, терминот „барани од безбедносни причини“ се однесувал на лица обвинети претежно за тероризам поради учество во антивладини активности. Обвинението ги ставало под строг надзор на властите или доведувало до нивно затворање.

Ал-Баба ги даде овие забелешки на прес-конференција во сирискиот главен град Дамаск, истакнувајќи ги напорите за реструктуирање на Министерството за внатрешни работи.

– Министерството за внатрешни работи вложува големи напори за враќање на правата на овие граѓани кои им беа неправедно узурпирани, додаде Ал-Баба.

Башар ал-Асад, кој управуваше со Сирија повеќе од две децении, избега во Русија во декември минатата година откако бунтовничкиот сојуз предводен од исламистите го освои Дамаск.

Новото раководство на Сирија се обидува да проектира умерена слика и почитување на човековите права додека бара економска поддршка во обновата на земјата разурната од војна.

Back to top button
Close