Трето издание на „Галичник филм фестивал“

На Галичник изминатиот викенд се одржа третото издание на „Галичник филм фестивал“, во стариот амфитеатар на Упија. Убедлив победник во неколку категории беше оскаровскиот филм „Бело око“ што освои награда за најдобар филм, најдобро сценарио и најдобар актер.

– Среќни и задоволни го завршуваме ова трето издание. Филмската магија го обои Галичник и задоволство беше да се гледа како многубројната публиката на амфитеатарот на Упија ужива во внимателно избраната селекцијата и гласа за својот омилен филм по проекциите. Инспирирани од успешното издание веќе почнуваме да размислуваме за следното, изјавија организаторите Јана Пауноска и Марко Црногорски.

– Официјалната селекција со 23 краткометражни филмови кои ни дојдоа директно од Cannes Film Festival, Oscars, Sundance, IDFA, Toronto International Film Festival, Locarno Film Festival, беа огромен предизвик за македонската филмска елита која имаше несомнено тешка задача да го одбере најдоброто од најдобрите. Жири комисијата беше составена од Никола Ристановски, Дејан Дуковски и Елеонора Венинова, кои ги соопштија победниците, велат организаторите.

Фестивалот е поддржан од Агенција за филм на Република Северна Македонија, а го реализираат ДАРМА ФИЛМ и МЗ Галичник. Програмата на Галичник Филм Фестивал е бесплатна.

Back to top button
Close