Тргнале во инспекција на „Беса Транс“, ама никој не им отворил
– Вчера се упативме во просториите на „Беса транс“, во седиштето, но беа затворени, никој не се јавуваше на службените телефони. Оттаму се упативме во седиштата на двете агенции што ги имаат во Скопје, кои исто така беа затворени и немаше никој. Во Тетово знаеме дека има една агенција, но нашиот инспектор оттаму не информираше дека и таа е затворена. Не можевме да извршиме вонреден инспекциски надзор, изјави Хусеини.
По автобуската несреќа што се случи во раните утрински часови на 23 ноември на автопатот „Струма“, кога автобус на превозникот „Беса транс“ враќајќи се од Истанбул удри во заштитната ограда од патот и се запали, Владата на седница го задолжи ДИТ да изврши вонреден инспекциски надзор. Со надзорот, треба да биде опфатено се што е во рамки на надлежностите на Инспекторатот согласно со Законот за превоз во патен сообраќај.