Тргнете ги партиските валкани прстиња од Вевчанскиот карневал!

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Во Македонија секое дно е дупло: каква е таа ниска политичка страст да се злоупотребува и Вевчанскиот карневал за ситни политички поени, за некој локален партиски празноглавец да може да се слика дека „храбро“ дошол во „судир“ со „режимската полиција“… За потоа сите партиски ботови да те шеруваат, курирците да хистеризираат, а Хер Флик инстантно да започне глумажа со голема загриженост за демократијата и слободите под бруталните притисоци на „режимот“!

Ова друштво на распојасани провокатори чезнеат за тоа да бидат репресирани, прислушувани, следени, означувани со црвени кругови по сопствените пропагандни медиуми, малтретирани и вознемирувани, за да го изедначат и оправдаат сето тоа што ТИЕ го правеа, на малициозно организиран начин со години додека беа на власт. Живеат во светот на конспирации и „бункерски“ менталитет, во еден политички корона-модел на дистанца од реалноста. Како онаа театрална будалетинка со роговите во Вашингтон, за кого Вевчанскиот карневал се одржува 365 дена во годината.

Тоа постојано наметнување на сопствената валкана совест во општата јавност е, всушност, продолжување на истата политика кога беа на власт, со други средства. Нивниот политички „координативен систем“ е потполно натопен во тој агентско-провокаторски партиски модел на делување: секој настан, секое прашање, секој проблем се посматра низ неговиот потенцијал да се предизвика конфронтација и конфликт, нема општествена структура или слој – од тутунари, преку спортски навивачи, до угостители – на кои „употребната вредност“ не им се мери исклучиво низ визурата на потенцијал за протести, блокирање улици, судири, каква било вонредност и стрес за јавноста…

Таа атмосфера потоа се пресликува и во политичките институции, каде вообичаената опозициска улога за критика и корекција на власта се претвора во мачен процес на надојдена река од навредливи квалификации и клевети, кавги, плукачки прес-конференции и приземни настапи по медиумите, сомневања за компликувани предавнички заговори што ги спроведуваат политичките опоненти за разнебитување на македонската нација на кои сме им го заборавиле почетокот и никогаш ќе им нема догледен крај – така е за односите со Бугарија, за пописот, за економската или за здравствената политика, за откупот на зелката и за ставањето туршија…

Стратегијата, во нејзината единствена испостена димензија на трката кон дното, е да се докаже дека „сите с(м)е исти“, а кога веќе нема разлики, тие се барем подобри во гласноста на вревата и во мобилизацијата на деструктивниот потенцијал. На тоа се сведува единствената опозициска понуда со години наназад.

Вевчанскиот карневал е фестивалска културна институција – доколку, воопшто, љубите фестивали – и симбол на слободата на сатиричното политичко изразување во Македонија, не ретко и низ непристојни маски или културни алузии и бодликави потсмевања. Карневалот, како што и треба, инсистира на својата контроверзност, па макар и во време на епидемиски ограничувања со строги здравствени правила за однесување.

Но, карневалот не е место за валканите провокаторски прстиња на оние што мечтаат за комитетски ордени на бесчестие од партиската централа во Скопје. Не е сè на сезонска распродажба.

Колумната на Сашо Ордановски е преземена од Civilmedia.mk

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close