Трговците на мало во туристичките места да можат да работат во недела, предложи Министерството за економија
Министерството за економија до Собранието достави предлог за измени и дополнувања на Законот за трговија со кој се дава предлог сите трговци на мало во туристичките места да можат да работат во недела и за време на празници.
„Измените и дополнувањата на Законот за трговија се доставени до пратениците за нивно разгледување и усвојување во Собранието – велат од Министерството за економија.
Од Министерството посочуваат оти со овие измени им се дава можност на сите туристички места што се пропишани со Закон за туристичка дејност, продавниците и дуќаните во кои се врши трговија на мало, да можат да работат и во деновите кои се третираат за неработен ден и државни празници во текот на целата година.
„Надоместокот од 100 проценти дневница за работа во недела и празници останува за трговците на мало во туристичките места да ја платат на работниците – се додава во соопштението од Министерството.
Пред два дена Општина Струга и градоначалникот Рамис Мерко соопштија дека се приклучуваат кон барањето на туристичкиот сектор, гастрономите, кафе-баровите и дуќанџиите – недела да биде работен ден во туристичките градови, меѓу кои и во Струга.
„Струга е град кој зависи од летната сезона, така што недела неработен ден сериозно ќе го загрози и негативно ќе влијае на локалниот економски развој и пошироко – соопштија од Општина Струга пред два дена.
Барањето, како што наведуваат од Општината, било испратено до Министерство за економија, односно Владата на Република Северна Македонија, со цел изнаоѓање начин за носење решение недела да биде работен ден во текот на туристичката сезона.