Три дена до епилогот: Нови градоначалници или повеќе од тоа?

Политичарите ги испраќаат последните пораки пред крајот од кампањата. Неизвесноста расте: дали исходот од локалните избори ќе ја засегне и централната власт.

    

Три дена ја делат Северна Македонија од крајот на неизвесноста. Не се во прашање само резултатите од локалните избори, туку и најавуваните тектонски промени кои би можеле да произлезат (или не) од изборната волја на гласачите.

Од фактот кој ќе го води Скопје по 31-ви октомври, би требало да зависи дали премиерот ќе поднесе оставка, дали ќе се формира ново мнозинство или ќе окрупне актуелното. Еден ден пред крајот на изборната кампања, кандидатите и партиските лидери се растрчани на гостувања во телевизии, ги испраќаат последните пораки до гласачите и нудат аргументите зошто исходот од  локалните избори  треба или не треба да ја тангира централната власт. Во тој контекст и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во гостување на ТВ „21“ се осврна на најавената оставка на премиерот Заев ако го загуби Град Скопје.

„Ова се локални избори.  Заев  не се кандидирал за градоначалник. Заев има 4 годишен мандат како премиер. Заев ја внесе земјата во НАТО, а мислам дека ќе дојдеме до решение и со Бугарија (…) Тој треба да остане премиер. Избрза со неговата изјава дека ќе се повлече. Тој има договор со коалициските партнери. Јас имам договор со него. Нема никаква смисла и логика Заев да даде оставка ако се изгуби Скопје. Не дека ќе го изгуби, но не е добро така да изјавува. Тој е премиер, не е градоначалник на Струмица. Никако не смее да даде оставка. Државата има многу сериозни предизвици. Имаме владина програма. Имаме сериозни проекти кои сме ги ветиле. Затоа, не верувам дека ќе даде оставка“, рече Ахмети.

Тој оцени дека Шилегов работел многу во неговиот мандат, дека е еден од најдобрите градоначалници и дека треба да победи во Скопје.

Правецот на државата

Откако опозицијата локалните избори ги претвори во лакмус за опстанокот на централната власт, премиерот  Заев во сите пораки истакнува дека е важно граѓаните да излезат на гласање и да ѝ дадат правец на државата. Според него, не може да се оди кон ЕУ, кон пријателство со соседите, кон зближување на граѓаните, ако некој шири национализми, ако прави кавги со соседите, ако е против Преспанскиот, Договорот со Бугарија или Охридскиот договор.

„Граѓаните знаат дека едно со друго не оди“, вели Заев и очекува голема поддршка во одржувањето на правецот на државата.

„Со сите коалициски партнери очекувам да се поддржиме како што се договоривме. Во Скопје ја очекувам поддршката и од  Беса , ДУИ и ДПА, како и во Куманово, од каде очекувам поддршка и од Алтернатива. Од Алтернатива очекувам поддршка и во Скопје, затоа што иднината ни е заедничка. Тие се понижени од својот коалиционен партнер и потценети, но истовремено се понижени и со коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Не добија ништо за возврат на поддршката, а и нивната филозофија е во прогресивноста“, изјави Заев на ТВ „Клан“. Поради потребата од ефикасен парламент, тој најави дека очекува да расте мнозинството со опозициски партии кај кои има интерес.

Укажувајќи на резултатите, Заев посочува дека јавниот долг се намалил од 64,4% на 60,6%, што според него претставува сериозно охрабрување за граѓаните и стопанството, но ја покажува и капацитетноста на Владата во време на светска криза предизвикана од пандемијата. Во однос на заканувачката енергетска криза им порача на граѓаните да не стравуваат ниту од поскапување на цената на електричната енергија, ниту од рестрикции.

„За енергетските компании обезбедивме пакет вреден над три и пол милијарди денари или речиси 60 милиони евра. Мораме во оваа ситуација да ги помогнеме и правните субјекти – државни или приватни, исто како и на домаќинствата. Во време на економска криза и пандемија нам ни растат економските перформанси, ја намалуваме невработеноста, а тоа е знак дека имаме убава иднина на државата“, изјави Заев на ТВ „Канал 5“.

Тие ниско, ние високо

Во најголемата опозициска партија во текот на кампањата ја критикуваа власта за катастрофални резултати на сите полиња.

„Економијата е лоша 30 години, и работите стануваат полоши. Корупцијата е сè поприсутна. Мафијата е само поорганизирана“, рече на синоќешниот централен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје партискиот лидер Христијан Мицкоски.

„Уплашените сакаат да ја делат Македонија, сакаат да предизвикуваат нови теми на поделба сакајќи да си го заштитат криминалот кој со години, а некои и со децении го прават на грбот на нашиот напатен народ, сакаат да има проблеми, да креираат страв, да кажуваат како ние ако дојдеме ќе има етнички проблеми, ќе има барок, не ни знаат веќе што зборуваат, нема ни логика сето тоа. Јас ним им кажувам – не нè поделија посилни од вас, нема ни вие, има само една заедничка Македонија“, порача Мицкоски.

Тој се осврна и на црната изборна кампања, адресирајќи од каде доаѓа таа.

„Хајки и брутални црни кампањи доаѓаат од луѓето кои на питачки стап дојдоа во политиката, а сега се вистински олигарси тешки по неколку милиони евра, куќи, станови, злато, хациенди, што уште не. Тоа е нечесна заработка на грбот на народот. И затоа тие ја напаѓаат секоја здрава клетка која ќе им се спротивстави. Но да ви кажам нешто, силата на  Данела и нашата сила извира од мотивот да ги менуваме неморалот и работите што Шилегов и Заев ги претставуваат во политиката. И затоа кога удираат тие ниско, ние ќе одиме многу високо (…) Јас, заедно со овие луѓе овде и стотици илјади ширум Македонија, сме подготвени да ја платиме секоја цена за слободата и за новата заедничка иднина (…) Нема да кажам дека се зло луѓето што не се согласуваат со моите ставови, како што тоа го кажува премиерот Заев. Јас ги почитувам тие луѓе и гледам во нивните забелешки ако грешам и верувам во тоа дека е така, да се исправам. Од мене нема да видите реваншизам да губите работно место зашто мислите различно. Не. Тоа нема нити да го видите нити да го доживеете“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Црна кампања до крај

За разлика од кампањата во првиот изборен круг, таа во  вториот финишира со жестоки напади меѓу опонентите, со говор на омраза, навреди, закани за тужби и зголемен број на обвинувања за притисоци, поткуп, заплашувања, од кои дел се пријавени во надлежните институции. Партијата Левица регираше за флаери и други материјали со лажна политичка содржина и кривотворење на нејзините симболи. Од Граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ информираа дека на нивна активистка и биле испраќани пораки со закани по живот за нејзиното дете. Покрај вербални закани има и физички пресметки. Пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ вчера соопшти дека криминална вооружена група нападнала нивни активисти, пришто еден од нив е повреден со нож, а друг има скршена аркада. Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека под плаштот на наводни акции за апсење на дилери на дрога или опасни лица, врвот на МВР ја злоупотребувал специјалната единица Тигар и ширел страв кај народот.

извор: ДВ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close