Три книги „за момчиња“

Три приказни што на различен начин ги критикуваат насилните аспекти на воспитувањето момчиња.

Кога одлични книги за млади ќе се преведат на македонски јазик, тоа заслужува мал момент на прослава. Како овој текст, чија цел е токму тоа.

Следните наслови, кои се издадени од различни издавачки куќи, се израз на знаење и одговорност кон одржување високи критериуми за младите, на кои домашните автори, со малку исклучоци, сè уште не се осмелиле.

„Невидлив“ – Елој Морено

Возраст: 13-17 год.

Издавачка куќа: Антолог

Превод: Виолета Јагев

“Книгава е unfuckingbelievably добра, а јас сум неспана и потресена”, му напишав во порака на Жарко Кујунџиски од Антолог, откако во една ноќ ја прочитав Невидлив од Елој Морено.

Главниот протагонист, жртва на исклучително суров булинг, неможејќи повеќе да издржи во средината во која е малтретиран, сака да биде потполно незабележлив и создава ескапистичка приказна дека развива способност да биде невидлив.

Елој Морено прави исклучително психолошкото профилирање на емотивната состојба на тинејџер кај кого насилството и малтретирањето на врсниците, а особено премолчувањето на неинволвираните соученици, прави да влезе во некаков ескапистички облак кој делумно го штити од реалноста,  постепено кулминирајќи веројатно до граница на психоза. Тој сепак не е луд и истовремено чувствува дека таа приказна нема шанси пред суровоста на реалноста, дека е само краткорочно бегство од ситуацијата во миг кога болката е исклучително акутна, а тој заглавен во своето молчење не наоѓа решение.

И сето тоа кулминира во ужасни последици.

Приказната започнува на намерно нејасен, фрагментиран начин. Романот е поделен на кратки поглавја (некои долги не повеќе од неколку реченици), кои ја раскажуваат приказната низ перспектива на различни ликови: девојка која тетовира змеј над лузните од изгореници на грбот; младо момче со повремени напади на анксиозност во болнички кревет; девојка која носи стотина белезици на рацете; момче со лузна на десната веѓа и момче на кое му фали половина прст…

Приказната почнува од крајот, фрагментирана и искршена, но без претенциозноста на постмодернистичките постапки, па не ве одбива со својата нејасност и повеќегласие. Не станува збор за рашомонијада, туку напротив, се составува едноставно. Бруталната отвореност при описите на трансформацијата на жртвата, која од весело момче се трансформира во некој кој живее во заблуда и ескалира на пругите пред еден воз е тешка за поднесување.

Осаменоста во болката, игнорирањето на средината и стравот постепено создаваат психолошка бариера од реалноста до чија кулминација Морено нè води исклучително, без притоа да западне во патетика или да претера па да помислиме дека се работи за метафора која тука би била лошо решение.

Дополнително, за вештината на писателот сугерира и почетокот на книгата каде фокусот (се чини дека) не е врз приказната на романот, туку врз млада девојка која си тетовира змеј на грбот за да ги покрие лузните кои одбегнува да ги гледа.

Ги соблекува маицата и панталоните, го вади и градникот, и така, практично гола, легнува на стомак на креветот, оставајќи откриен грб што е болно да се погледне. Грб полн со лузни создадени од изгореници – што зараснале заедно со кожата на жена која пред многу години, кога била мало девојче, го посетила пеколот.

(…)

Змеј што се раѓа на местото каде што се спојуваат грбот и задникот, што за неколку дена, кога ќе биде готов ќе досега до тилот (…) Тоа што не го знаеше е дека ќе има моменти кога змејот ќе се буди и нема да може да го контролира секогаш.  Тоа што не го знае се уште е дека таа не си прави тетоважа на змеј на грбот, туку змејот е тој што нашол тело во кое ќе може да живее.

Описот очигледно реферира на Лизбер Саландер од „Девојката со тетоважа змеј“, еден од пославните современи книжевни ликови изграден како резултат на брутално насилство и злоупотреба во детството, но и сопствениот отпор кон тоа да остане жртва.

Морено не бега пред веројатноста дека ќе вознемири, не го плакне текстот за да го приспoсоби на „невиноста“ на младите. Оние на кои им се обраќа се на возраст кога невиноста, ако воопшто постои во оваа смисла, е надрасната.

Неговата експлицитност во описите на насилството (едно уплашено момче чија глава му е набиена во веце шоља нема избор освен да замисли дека е оса која има капацитет да задржи воздух под вода). Морено ја користи експлицитноста и вознемиреноста како апел. Тоа го прави овој роман, колку роман за млади, толку и за просветни работници, наставници, училишни психолози и педагози и родители кои често се прв ѕид каде обидот за отпор се крши и жртвите се соочени со релативизација.

Невидлив ги добива наградите „Јолео“ и „Аче“ за 2019 година, бил финалист и за наградата „Менхалибрес“. Преведен е на повеќе од 20 јазици.

 

 

„Магла“ – Марта Палацези

Возраст: 6+

Издавачка куќа: Сказнувалка

Превод: Ирина Талевска

Лондон, 1880 г. Тринаесетгодишниот Клеј е блатар: едно од многуте момчиња што копаат во калливите брегови на Темза во потрага по предмети што ќе може да ги продадат за да преживеат. Еден ден Клеј тргнува да ѝ продаде тарот карти на претскажувачката од Чудесниот циркус Смит и Спероу и го преминува прагот на циркусот. А таму, во еден од кафезите, затворен е „последниот жив волк во Обединетото Кралство“.

Застанат пред тоа суштество со сребрено крзно и килибарен поглед, не може да им поверува на своите очи. За него, навикнат да ги минува деновите на отворено, без какви било ограничувања, ваквата глетка на тоа величествено животно во малиот кафез, жртва на ѕверските насилија на дресерот Парсон, е неподнослива. Клеј нема да се смири додека Магла не биде повторно на слобода.

Парсонс застана пред кафезот на волкот.„ Е, па ѓаволу, како сме расположени денес“, праша и со нагло движење го тргна црниот плашт.
Тогаш за прв пат го видов Магла. „Убав е, нели?“ ми прошепоти Оли? Не, тој волк не беше убав. Тој волк беше песочиште одвеано од ветрот, и трк низ шумите и ноќи минати во душкање на планот, и виежи на месечината и… И сега се наоѓаше пред мене. Затворен во кафез. „Што ти е?“ Оли ме допре под рамото. „Се разочара?“ Разочаран од тоа суштество со сребрено крзно и големи килибарни очи? Беше најизвонредното нешто што сум го видел. И веднаш сфатив. Беше најизвонредносто нешто што ќе го видам во целиот свој живот.

Она што прави серија писатели за млади исклучителни е тоа што создаваат приказна која иако е примарно наменета за деца, сепак е доволно интриганта и за возрасен и прилично искусен читател. Поедноставувањата, недореченоста, бегањето од суштинската емотивна комплексност во претставувањето на болната страна на животот, прави добар дел од книгите за деца да делуваат патронизирачки и да личат на советодавни четива кои немаат доверба кон капацитетот и емотивната зрелост на читателот кому се обраќаат (книги во кои писателот вели „слушни ме сега, јас сум постар/а“). Палацези, како и Морено погоре, е свесна дека нема право на тоа. Поради тоа, независно од возраста, приказната не ве дистанцира со својата наивност и предвидливост, туку ве понесува со себе.

Интересна тема, вредна за забележување и анализа, која се обраќа до младите читатели (но низ потполно различен начин од тој во Невидлив) е темата на насилството и различните причини кои некогаш го оправдуваат. (П.С. здодевниот писател ќе ви каже да се обратите до училишниот педагог или наставникот. Морено предупредува дека може да сте во уплав, на раб на психоза, а психологот да не ве чуе. Палацези, пак, знае дека мора да се охрабрите и да делувате, често низ единствениот јазик кој му е познат на насилникот).

Teпачките во животот на Клеј (за место за копање во реката, за место на продажба на предмети…) не завршуваат со брутален исход, тешки повреди и длабоки психолошки и емотивни последици, нема репетитивно изживување и понижување со далеку надсилената жртва, туку се некаква форма на деликатен јазик на кој двете спротивставени страни се разбираат.

Затоа Клеј, растен и воспитуван во суровите услови на брегот на Темза е длабоко вознемирен кога ќе посведочи брутално насилство врз волк заробен во циркуз. Логиката на насилството каде едната страна е потполно оневозможена да се брани и чија цел е длабоко да ја промени природата на животното, односно од импозантниот  „последен жив волк“ со килибарни очи, од симбол на нескротлива слобода, да направи покорно циркуско животно за Клеј се чини неприродна. Самиот растен дури и претерано слободен, тој го разбира стравот од кафезот и затворањето и одлучува да дејствува дури и кога тоа го доведува во опасност неговиот живот. Романот има елементи на дикенсовска атмосфера и ликови, напишан на јазик кој истовремено е богат, но и концизен и јасен, и адаптиран на читателите кои ги има предвид. Романот е добитник на италијанската награда „Стрега“ во 2020 година за литература за деца од 6 до 10 години.[1]

“Дрвото што слуша“ – Анет Шап

Илустрации: Филип Хопман

Возраст: 4+

Издавачка куќа: Чудна шума

Превод: Билјана Црвенковска

Среде градот, во паркот, има дрво што со леснотија се извишува над сите други. Она што не го знаат луѓето, но го знаат животните, е дека на стеблото на ова дрво, некаде на половина, има уво.
Уво што навистина слуша.

Во светот каде „градот брза ли брза, автомобилите итаат по улиците (…) врескање, тропање, треба да се помине побрзо“, каде нешто постојано зуи, брмчи, вреска, едно момче нема кому да соопшти нешто важно.

Во светот кој константно емитува “важни” звуци, нешто останува несоопштено. Во мигот кога Другиот е неопходен за елементарна размена, во светот кој е преполн какафонија на гужвата, за едно дете, во текот на неколку часа нема никого. Ако Светиавгустиновото „Постојам само додека другиот ме сонува!” ја отсликува суштината на човековата потреба да постои во Другиот, ситуацијата на ова момче се чини прилично безнадежна.

И тој влез во приказната, во комбинација со илустрациите кои одлично ја засилуваат, успева исклучително вешто да ја долови атмосферата на осаменост во мноштвото, судирот на тишината и неартикулираната бука која не остава простор за размена.

Таа слика е дополнително засилена со еден детал, низ кој оваа сликовница се обраќа до малите читатели/слушатели. Додека другите деца по часовите во училишниот двор скокаат во прегратките на своите родители, ова момче никој не го чека. Носи клуч обесен околу вратот.

„Клуче“, му шепоти. „Нешто се случи денеска…“. Но зборовите се одбиваат од металот. Момчето воздивнува.

Таа сцена Шап и Хопман ја одржуваат доволно тензична за да предизвика емотивна реакција (во прво и второ одделение учениците се често многу чувствителни на тоа дали оној кој треба да ги земе ќе задоцни и ќе останат последни во училиште, веројатно ќе сочувствуваат со непријатноста на ситуацијата далеку подобро од било кој повозрасен) но не и да се лизне во патетика и пренагласена сентименталност. И од тука Шап и Хопман ја создаваат приказната за споделувањето и за потребата од Другиот. Другиот не во смисла на групата на која се претпоставува дека ѝ припаѓаме, често сведена на семејството, соучениците и слично, туку оној Друг, кој на основа на општествено воспоставени критериуми би требало да е различен, но кој знае правилно да чуе и да ве препознае.

***********************************************************************

Она што е заедничко за овие три приказни е тоа што на различен начин ги критикуваат насилните аспекти на воспитувањето момчиња. Овој текст кој се фокусира на три машки приказни, поаѓа од ставот на Бел Хукс дека „визионерскиот феминизам е мудра и љубезна политика, вкоренета во љубовта на машкото и женското битие, одбивајќи да го привилегира едното над другото. Душата на феминистичката политика е посветена на спречување на патријархалната доминација над жените, девојките и момчињата“ и за свој простор ја наоѓа Медуза.

Овие романи раскажуваат приказни за три момчиња кои се на другата страна од токсичната машкост: едно со длабоко ранлив сензибилитет кое сака да „не постои“ повеќе (Невидлив), друго решено и по ризик на својот живот физички да се судри со концептот за машкост манифестиран низ бруталното насилство врз послаба жртва, во случајов и врз идејата за слободата (Магла), и трето кое едноставно постои како тивок и осамен интроверт во потрага по пријател кој знае како да го слушне (Дрвото што слуша).

Медуза е простор каде артикулираме јазик на отпор кон темната страна на традицијата и патријархалните притисоци кои стануваат оформувачка машинерија во текот на растењето. Преку изборот на овие три приказни се спротивставуваме на гласовите од средината, односно интернализираниот внатрешен глас кој на илјадници момчиња им шепоти „момчињата не плачат“.

[1] Победникот го бираат над две илјади млади читатели од повеќе од 140 училишта, групи за читање и библиотеки во Италија и странство (Мадрид, Минхен, Париз, Виена и Сен Жермен-ан-Леј) за нивната одредена возрасна група што говори само по себе за допадливоста на книгата.

Back to top button
Close