Три супермаркети и две компании во Грција казнети за прекршување на одредбата за плафон на бруто-профитната маржа

Казни во вкупен износ од 1,05 милиони евра изрекла Независната управа за контрола на пазарот и заштита на потрошувачите на три големи супермаркети и две прехранбени компании во Грција, поради прекршување на одредбата за плафон на бруто-профитната маржа кај вкупно 65 производи, јави дописничката на МИА од Атина.

Според соопштението на Управата, казнети се супермаркетите Лидл за 26 производи (670.925 евра), Алфа Вита Василопулос за 22 артикли (109.900 евра) и Маркет Ин за 12 продукти (72.370 евра), како и компаниите Нестле за четири артикли (144.700 евра) и Флора Фуд за еден производ (52.870 евра).

Контролите во маркетите биле во периодот мај – јуни 2025 години, а во компаниите во на крајот од 2023 година.

Биле извршени контроли на 3.168 производни шифри, при што биле утврдени прекршувања кај 65 од нив, а управителката на Управата Деспина Цангари, ја прифатила препораката на Меѓуресорската единица за надзор на пазарот (ДИМЕА) и во петок ги потпишала одлуките за изрекување на соодветните казни.

Според грчките медиуми, два од казнетите супермаркети реагирале, негирајќи дека сториле нешто незаконско и најавиле дека ќе покренат постапка пред надлежен суд.

Back to top button
Close