Три жени загинаа во експлозија во руска фабрика

Три жени загинаа во експлозија што се случи вчера во фабриката „Авангард“ во градот Стерлитамак во Република Башкортостан во југозападна Русија, изјави денеска гувернерот Радиј Хабиров.

-За жал, загинаа три лица, сите жени. Меѓу нив беше и млада жена родена во 2002 година. Две жени оставија зад себе деца. Компанијата ќе ја обезбеди потребната поддршка, а ќе биде исплатена и отштета. Изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите, објави Хабиров на социјалните мрежи.

Уште пет лица се хоспитализирани – две со сериозни повреди и три со умерени, но гувернерот потврди дека нивните животи не се во опасност.

Хабиров рече дека една од зградите е уништена во експлозијата и потврди дека немало напад со дрон.

-Истрагата е во тек. Имаше различни мислења за тоа дали станува збор за напад со дрон. Не беше, имаше експлозија, а форензичките експерти во моментов ја истражуваат причината, рече Хабиров.

Back to top button
Close