Тричковски: Треба да престанеме да се занимаваме со окупацијата на националните интереси коja троши генерации и генерации

„Нужно е Македонија, да влезе во соочување со својата историја, своите историски заблуди, лаги за себе за да може низ еден катарзичен процес тие работи да ги реши. Самата да ги реши, не да чекаме Бугарија да не притиска или Грција или Европа. Тие работи се многу важни и мораме од тој воз на кој се возиме, да се симнеме , не можеме во него да останеме. Ние сме дефакто робови на Македонија, ние сме во Македонија хендикепирани луѓе заради македонското саморазбирање на себе, на својата филозофија, својата карактерологија,“ посочува Бранко Тричковски на промоцијата на неговата нова книга „ВМРО, МИТ КОНЦЕПТ КРАЈ“ во издание на Шорткат продукција, и претставува збирка од сите колумни на Тричковски објавени во изминативе пет години на Фронтлајн.мк.

Според Тричковски, треба да престанеме да се занимаваме со окупацијата на националните интереси коja троши генерации и генерации. И трошејќи ја енергијата на генерации, ги хендикепира луѓето.

„Да излеземе од тој колективистички дух и да поминеме во фаза на индивидуализирање. Само успешни реализирани поединци може да бидат добри Македонци и во Македонија да биде мислам пристојна, добра држава. Нормална држава, нормални граѓани, европска држава. На нас ни фали дистанца од самите себе, премногу сме интимизирани и по таа линија имаме еден куп проблеми,“ посочува Тричковски.

За ВМРО – ДПМНЕ тој изразува несфаќање за тоа кои се тие механизми преку кои таа пробива во главите на луѓето. Вели, разбирам тотална кампања, ТВ, пресија секој ден итн. ама нормалноста мора да пружи нешто повеќе. Отпорот на таа агресија не може да се сведе на нормалност, нормалноста не е доволна. Ние целиот монопол на безобразието и на силата им ја имаме препуштено на да неречам на луѓе кои се под нивото, смета Тричковски.

Back to top button
Close