Трицифрени милионски штети поради аерозагадувањето во Македонија
Во Европската агенција за животна средина, која е агенција на ЕУ, оценуваат дека националната состојба со воздухот е многу лоша. Од Светската здравствена организација, преку примери од различни анализи, информираат за финансиската штета од аерозагадувањето во земјата.
При согорување на енергенси, без разлика дали се тоа дрва, течни горива, јаглен или отпад, со чадовите се испуштат честички на микропрашина, кои се вбројуваат во три групи: ПМ0,1; ПМ2,5 и ПМ10. Тие се толку мали што четири ПМ2,5 честички прават дијаметар од една ПМ10 честичка, а пет ПМ10 честички го прават дијаметарот на едно човечко влакно.
Проф. д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија и автор на над 200 студии за белодробни болести, ни објасни дека аерозагадувањето предизвикува почести инфекции, односно настинки, како и дека појавата на карцином на белите дробови кај непушачи се поврзува и со изложеноста на аерозагадување.
„Најмалите честички допираат до најмалите дишни патишта и до алвеолите. Тоа значи дека тука можат да го исполнат своето штетно дејство и нивната поголема концентрација и долготрајна експозиција е асоцирана со почеста појава на карцином на белите дробови. Самите ПМ честички се составени од едно јадро. Најчесто е тоа јаглен. Меѓутоа на него се налепени различни други соединенија, било да се тоа тешки метали или други хемиски или органски соединенија, коишто исто така штетно влијаат кога ќе се налепат на слузокожата од дишните патишта“, објаснува проф. д-р Дејан Докиќ.
Како најопасни се сметаат ПМ2,5 честичките. Експертот за аерозагадување Франк Хамес објаснува дека 95 проценти од штетата ја прават овие честички.
„ПМ2,5 е најопасна, бидејќи тоа е честичка која оди најдлабоко, надолу во нашите бели дробови и која всушност се депонира во нашите бели дробови и оди кон остатокот од нашето тело. Така што секоја клетка во нашето тело, дури и нашата коса, содржи ПМ2,5. Секоја мозочна клетка содржи ПМ2,5. Таа едноставно оди секаде во нашето тело. ПМ2,5 многу пати содржи бројни хемикалии, посебно од согорувањето, кои се штетни за здравјето. Тоа е навистина комбинација од цврсти честички со хемикалии“, вели извршниот директор на IQAir, Франк Хамес.
Поизразена алергиска реакција поради загаден воздух
Таа комбинација ги воспалува дишните патишта и тоа го покажуваат различни студии.
„Во неколку студии што се правени во Велика Британија ние докажавме дека аерозагадувањето кај здравите испитаници предизвикува едно лесно воспаление на слузокожата од дишните патишта“, објаснува проф. д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија.
Докторот забележува дека луѓе, по враќање од чист воздух на планина во загаден во градска средина се жалеле на печење на очите, печење во носот и кашлица – симптоми кои се должат на лесно воспаление поради загадениот воздух. Истражувањата што тој ги правел во Велика Британија покажале дека лицата кои имаат алергија, при изложеност на аерозагадување, манифестираат поизразена алергиска реакција.
Тоа го потврдува и научно истражување во Кина, објавено во мај 2023 година, за микро прашината и алергиските симптоми кај средовечната и постарата популација, во кое се заклучува дека: „Краткорочното и долгорочното изложување на амбиенталните ПМ2,5 честички беше поврзано со зголемен ризик од алергиски симптоми во носот и очите, влошување на останувањето без здив предизвикано од алергени и од двапати повеќе зголемени алергиски симптоми“.
Таков проблем има пензионираната преведувачка Дафина Николовска. Таа во 2018 година го пропуштила првиот роденден на внукот, мислејќи дека има заразна болест. По прегледите ѝ било кажано дека има развиена алергија поради загадениот воздух. Таквата состојба ѝ влијае на рутината што ја има изградено и на квалитетот на животот.
„Не можам да излезам да возам точак, не можам да излезам со моето нордиско пешачење – значи тие два облика на физичка активност ги практикувам. Буквално ако сакам да излезам да се видам со другарка, да прошетам внуци – живот, нели, морам прво да погледнам на апликација, а некогаш и не морам на апликација да погледнам. Некогаш и воздухот мириса. И тоа ми прави тегоби. Почнуваат кашлици, дури првите две-три години и терапија земав, додека не си го фатив јас редот. Еве сега открив дека овие маските КН95, всушност се направени првично за заштита од загадување. Јас мислев дека се направени за Ковидот. И баш откако ме гледаат овде во околинава со маската, неколку од нив ми рекле: ‘А, загадувањето!’“, вели Дафина Николовска.
Таа, иако е пензионерка, работи со луѓе на личен развој. Плановите од вечер за следниот ден ѝ остануваат на хартија, бидејќи поради кашлањето и растечениот нос е лимитирана во комуникацијата.
„Кога почнаа да се менуваат температурите јас малку не изреагирав доволно брзо, односно, потценив како: ај не е страшно, и почна тој процес, а тоа значи упорна кашлица, исфрлање некаков шлајм. Тоа подразбира лош сон, затоа што кога заспивам, кога се опушта телото поинтензивно се закашлувам, па пола ноќ не спијам, па сабајлето ќе се доспијам, па потоа преку ден кашлам. Тоа се активира особено ако зборувам. Значи, пред недела дена немаше да можеме ова да го правиме. После три збора ќе почнев да кашлам, ама кашлање што да ви кажам – како туберкулозна. И во тој период кога е таа кашлица активна практично не можам јас да си ја работам мојата работа. Знаете, не можам со луѓе да работам. Јас не сум заразна, нема ништо да им пренесам, ама тоа не е слика на некој којшто здраво живее“, вели Николовска.
Загадувањето доведува до мутации
Докторите се едногласни дека изложеноста на загадениот воздух доведува до влошување на состојбата кај лица болни од астма, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), цистична фиброза, но и кај децата.
„Тригерира астма, тригерира и влошува хронична белодробна болест, тие деца отсуствуваат од школо, губат од школо, концентрација, успех и отсуство од работа на родителите. Ни треба здраво Скопје. Скопје каде што ќе имаме циркулација на воздух, кадешто ќе имаме зелени површини“, вели проф. д-р Велибор Тасиќ, пензиониран професор педијатар нефролог и додава: „Видете, загадувањето не е само аерозагадување. Загадувањето може да биде и со тешки метали. Еве јас се сеќавам на она што беше со Топилницата. Таму имаме статистички многу поголема појава на вродени дефекти. Да видите какви тешки малформации имавме кај бебињата што се раѓаа во тој регион, кадешто беше Топилницата. Јас добро се сеќавам на едно истражување, кое за жал не беше јавно публицирано, не знам од кои причини, кадешто на луѓето коишто живееја и работеа во тој крај се испитуваше урина и преку таа урина се виде дека постојат најрани маркери за бубрежни оштетувања и страдаа бубрежните каналчиња, кои се многу битни. Но, за жал тоа истражување не беше јавно публицирано“.
„Националната состојба е лоша“
Европската агенција за животна средина, која е агенција на ЕУ, кон крајот на минатата година објави дека во 2021 година 4.980 смртни случаи во земјата се припишуваат на ПМ2,5 честичките, а други 600 на загадување со азот диоксид и озон. Прашавме во оваа агенција – каков воздух дишат граѓаните?
„Фокусирајќи се на ситните честички (или ПМ2,5), загадувачот на воздухот кој се смета за поштетен за здравјето на луѓето, националната состојба е лоша, бидејќи во последните две години најмалку половина од мониторинг станиците, кои доставуваат податоци до Европската агенција за животна средина, имаат просечни годишни концентрации над граничната вредност на ЕУ од 25 микрограми на метар кубен и сите имаат просечна годишна концентрација над препораката на Светската здравствена организација од 2021 година од 5 микрограми на метар кубен. Слична е ситуацијата и за ПМ10 честичките“, велат во Европската агенција за животна средина.
Од Светската здравствена организација, преку примери од различни анализи, нѐ информираа за финансиската штета од аерозагадувањето во земјата.
„Последиците од загадувањето на воздухот можат да се изразат и преку економска штета. Се користат различни пристапи и методи. Разликите во методолошките пристапи, како и во податоците и истражувањата што се користат за тие проценки, објаснуваат зошто резултатите се разликуваат“, објаснуваат од Светската здравствена организација.
Така пресметките за штетите се движат од 253 милиони евра до 900 милиони американски долари годишно. Во Светската здравствена организација сметаат дека активностите за справување со аерозагадувањето „треба да опфатат многу сектори и засегнати страни и да се спроведуваат на различни нивоа – од национално до локално“. Според СЗО, здравствениот сектор треба да игра улога во тој процес: „Имено да ги изнесе здравствените аргументи за развивање и спроведување политики и активности“. Во СЗО сметаат дека е потребно „зајакнување на собирањето здравствени податоци што можат да се користат за проценка на ризиците и влијанието на загадувањето на воздухот врз здравјето“ и „зголемување на капацитетите на секторот за јавно здравје и животна средина за анализирање податоци за проценка на здравствениот ризик и за развивање интегрирани сценарија“.
Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева
извор: Нота
Овој текст и документарниот филм „Пази! Видлив воздух“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.