Тридневен посебен сообраќаен режим во Скопје поради протестите на ВМРО-ДПМНЕ

Во периодот од 15 до 17 часот за сообраќај ќе бидат затворени три крстосници околу локациите на кои опозицијата најави дека ќе одржи предупредувачки протести

Поради најавен протест, во организација на ВМРО-ДПМНЕ, утре, задутре и в четврток во Скопје, во периодот од 15 до 17 часот, за сообраќај ќе бидат затворени крстосниците помеѓу булеварите.„Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“ (ТЦ Мавровка), помеѓу бул. „Св. Климент Охридски“ и ул. „Св. Кирил и Методиј“ (поранешна зграда на „Нова Македонија“) и помеѓу ул. „11 Октомври“ и ул. „Филип Втори Македонски“ (Градска болница), информира Министерството за внатрешни работи.

Од тие причини, како што се посочува, Секторот за внатрешни работи Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на горенаведените и околните сообраќајници. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави денеска дека опозицијата од утре излегува на предупредувачки протести во Скопје и други градови низ земјава, со едно единствено барање, а тоа е Владата јавно да го објави таканаречениот „патоказ“ за преговорите со Бугарија.

Доколку не се даде тој документ на увид на јавноста, ВМРО-ДПМНЕ, како што најави Мицкоски на брифинг, ќе преземе и други активности, како институционални блокади и слично. Протестите ќе бидат од 15 до 17 часот на три локации во Скопје, пред Собранието, пред ТЦ „Мавровка“ и пред зградата на поранешна „Нова Македонија“.

 

Back to top button
Close