Тригодишно дете ја преживеа несреќата со жичница во Лисабон

Лисабон е во шок по ужасната несреќа со жичницата во која загинаа 16 лица, а повеќе од 20 беа повредени. Се случи вистинско чудо – тригодишно германско дете беше спасено меѓу остатоците, објавува Би-Би-Си.

Неговиот татко почина во несреќата, а неговата мајка беше повредена, заедно со бројни други странски државјани. Причината за несреќата сè уште е непозната. Градската компанија за јавен превоз „Карис“ најави проверка на сите жичници и покренување независна истрага. Случајот го истражуваат и полицијата и обвинителството.

Една жителка изјави за Би-Би-Си дека сè уште се обидува да разбере што се случило додека поминува покрај скршените остатоци од жичницата што излета од шините и удри во зграда. „Многу, многу е тажно“, рече таа.

Други се собраа во тишина или фотографираа од местото на настанот. Двајца туристи од Сингапур рекоа дека требало да се возат со жичницата во среда, но ги променија своите планови во последен момент. „Страшно е… Којзнае, можеби можевме да бидеме внатре“, рече еден од нив. „Овие работи ви ја менуваат перспективата за животот. Едноставно не очекувате да се случи нешто вакво.“

Туристичкиот водич Маријана Фигуеиредо била меѓу првите што пристигнаа на местото на несреќата и рече дека е трауматизирана од она што го видела. Слушнала силен тресок и веднаш истрчала кон местото на несреќата.

„Бев таму за пет секунди“, рече таа. „Луѓето почнаа да скокаат од прозорците на долната жичарница. Потоа ја видов другата, онаа што беше смачкана, малку подалеку на ридот. Почнав да се качувам за да помогнам, но кога стигнав таму, имаше само тишина.“

Фигуеиредо опиша како, откако таа и другите почнаа да го отстрануваат покривот на возилото, ги видоа телата внатре. Таа беше сведок на спасувањето на децата и се обиде да им помогне на повредените и да ги смири оние во шок. „Многу луѓе плачеа околу мене. Беа толку исплашени.“

Еден човек, кој бил во друга жичница на подножјето на ридот во времето на несреќата, им рекол на новинарите дека мислел дека ќе умре. „Без разлика колку години ќе живеам, никогаш повеќе нема да се качам на жичница“, рекол тој.

Back to top button
Close