Трикот е во идеологијата, не во правото

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Вистинско освежување деновиве – со оглед на дневното количество неограничена политичка злоба што се емитува од таму – коешто доаѓа од страна на опозициското ВМРО-ДПМНЕ е дека тие се подготвени за започнување на дебатата за промена на македонскиот изборен модел. Таа иницијатива некни ја спомна Христијан Мицкоски во интервјуто на „Канал 5“, а во повеќе детали ја разработува Гордана Силјановска Давкова во вчерашен „Слободен печат“.

И двајцата опозициски првенци се во право кога велат дека тој процес мора да биде максимално инклузивен и на политичко и на експертско ниво. Власта е таа која таквата релевантна вклученост мора да ја обезбеди, иако сум сигурен дека ништо поинаку и не би се случило со оглед на демократскиот капацитет на Заев и Маричиќ во чии надлежности ќе падне најголемиот товар на оваа важна политичка иницијатива.

Менувањето на изборниот модел, по дефиниција, е сложен и деликатен политички проект. На прв поглед, реформата е правна, што во Македонија е најчесто рецепт за политичка катастрофа, особено ако во неа бидат консултирани само ставовите од државниот Правен факултет во Скопје. Таму нема дефицит од експертски правни ставови, туку има – покрај традиционалното калкулантство во врска со персоналните политички кариери на дузина амбициозни професор(к)и – професионална деформација и недостаток од разбирање дека општеството е многу повеќе од само „збирот“ на правното толкување на демократската општествена стварност.

Бидејќи, во тежиштето на изборниот модел се многу поголеми општествени и идеолошки реперкусии кои го одредуваат начинот на кој функционира демократијата. На пример, кај нас: дали потенцијалната реформа на начинот на кој се бираат пратениците во Собранието ќе призведе експанзија на националистичко-федералистичките идеологии; или ќе го форсира моделот на „Едно општество за сите“?

(Инаку, за потсетување, проектот „Едно општество…“ врз чија идеолошка матрица СДСМ, всушност, победува, иако „тенко“, на последните избори, е онаа неотворена папка која лежерно му ја препуштија на Артан Груби за да ја „погребе“ во подрумот на неговиот прво-вицепремиерски кабинет, за никогаш повеќе за тоа глас да не се чуе!)

Како што се гледа, лесно ќе ги ископираме најдобрите светски практики за изборните математички и правни формули за тоа како, евентуално, да се постави нашиот следен изборен модел; многу потешко ќе биде да се постигне идеолошкиот договор за тоа каква Македонија, всушност, сакаме да го одрази тој нов изборен модел? Во Македонија и во иднина ќе владеат компликувани постизборни коалиции кои ќе ги диктира пропорцијата на освоените гласови врз оваа, суштинска, идеолошка, а не правна дилема.

Се плашам дека СДСМ, во таа дебата, ќе биде сам против сите. Можеби во таа проценка и лежи охрабреноста на ова расклатено раководство на ВМРО-ДПМНЕ да ја отвори токму сега таа важна расправа.

Политички, 2021 година може уште и да излезе многу важна година – после оваа катастрофа од 2020! – доколку, некако, почнеме да се опоравуваме од корона-катастрофата, ако спроведеме успешен попис на населението, ако го смениме изборниот модел, покрај закажаното одржување на локалните избори и супстанцијалното продолжување (sic!) на реформите кои се дел од евро-интеграцискиот процес.

Има ли СДСМ дисциплина, сила и концентрација, во услови на разулавена фејсбук-демократија, за да ги спроведе сите овие компликувани „равенки“ во само една година?

Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.

Back to top button
Close