Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот во Виница, соопшти Министерството за здравство

Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани, како што информираа попладнево од Министерството за здравство се во стабилна здравствена состојба.
Според Министерството, осум лица, вработени во фабриката, се наоаѓаат на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснење на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарни единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.
Извор: 360stepeni.mk