Трипуновски прв пат слуша дека нема доволно јајца во маркети
Во однос на информацијата што ја објавија некои медиуми, дека во маркетите нема доволно домашни јајца, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски истакна дека прв пат слуша за ваков проблем.
-Прв пат слушам за ваков проблем, не знам за каков проблем станува збор. Јас знам дека нашето производство на јајца ги задоволува домашните потреби, а имаме и количини кои се извезуваат надвор од државата. Дополнително ќе проверам дали има проблем, немам информација дека има проблем со снабдување јајца на полиците во маркетите, нагласи министерот.
Додаде дека сите штети од природни непогоди, во случајот огромниот бој на пожари ширум државата, согласно законот треба да ги процени општината.
-Треба да направи елаборат и да го достави до Второстепената комисија за проценка на штети. Изминатите месеци имавме пролетен мраз и Комисијата работи континуирано за навремено да се исплатат штетите. Значи, обврска на локалната самоуправа е – колку побрзо ќе го направи елаборатот, толку побрзо ќе биде ставен во владина процедура за обесштетување, потенцира министерот.