Трка според правилата на свирепите реалисти
Денко Малески
Некој треба на народот да му каже дека ги пропуштивме сите возови и дека новата политика на претседателот Трамп го обележува и крајот на американската ера во светската политика, каква ја знаевме до сега. Политиката согласно која, се делеа пари на американски даночни обврзници за проекти кои ќе ги поттикнуваат демократските процеси во Македонија, како впрочем и во сите земји на Источна Европа, време во кое: се формираа првите невладини организации на чие чело застанаа локални „платени демократи“; се финансираа студиски престои за судии и обвинители кои тие ги доживуваа неретко како убави туристички патувања; се инвестираше во опрема и стручна помош на институциите задолжени за владеење на правото; Американци посредуваа во внатрешните и надворешни конфликти на овие држави со цел да ги стабилизираат нивните кревки демократии; се делеа пари за разни инфраструктурни проекти; се дела грантови и стипендии… Тоа беше дел од „меката моќ“ на единствената голема сила на времето, со која требаше да се освојат срцата и умовите на народите на Источна Европа.Составен дел од таа глобална политика на Америка во тој „униполарен момент“ беа и активностите на Џорџ Сорос и мрежата на „отворени општества“ кои се отворија во новите демократии.
Тоа беа времиња на мултилатерализам, на сојузништва на демократските држави наспроти автократските, на поддршка на Америка за проектот наречен ЕУ која самата го иницира по Втората светска војна со масивна финансиска поддршка преку Маршаловиот план.Точно, политиката на Америка кон останатиот свет, скоро 35 години, може да се изедначи со некој вид „либерален империјализам“ со која Америка сакаше да ја наметне својата либерална идеологија врз останатиот свет, но малите држави како Македонија ќе жалат за тоа време. Вистина, тоа беше „хегемонски мир“во кој се знаеше кој е главниот, ама беше мир. Државите на Истична Европа кои бргу ги разрешуваа своите породилни демократски маки и успешно се димензионираа во светската политика, го искористија ова „златно доба“ за просперитет на своите општества и за јакнење на нивните меѓунродни позиции во ЕУ,која сега се соочува со страшни безбедносни и економски проблеми. Зашто, повлекувањето на Америка од Европа ја стави ЕУ е пред тешки искушенија, ако не и растурање. И гледајте ја сега нашата иронија: ако ги прашате денес „патриотите“од различните партии, зошто не ги земаа сериозно предупредувањата на емисарите од ЕУ кои, со прстот на своите рачни часовници, не предупредуваа да не губиме време, а ние им се смеевме, „влекачите“ќе ви одговорат дека ЕУ и онака се распаѓа. Ама, работите не се веќе за смеење.
Авторитети во економијата се согласни дека ова е крај на Европа како еден од главните играчи во светската економија, нешто што се нема случено со столетија. Денес, Европа нема никаква иновативна улога во светската економија која е во САД и, пред се, во Кина. Значи, економската основа на континентот е за никаде. И не треба да си марксист за да знаеш дека состојбата во економијата не може да нема политички последици. Зашто, ако на ова се додаде изгубената војна во Украина, крајот на НАТО, буквално или каков што го знаеме со силно американско водство, и турбуленциите на домашната политичка сцена со пораст на национализмот во ЕУ, сето тоа не воведуваат во една трауматична и неизвесна иднина. Ако е точно дек „пука каде што е најтенко“ние на Балканот сме во уште поголема невоља. Читам некни дека Хрватска, Албанија и Косово се сојузуваат во некаква воена соработка, се знае против кого. Босна може повторно да експлодира како и Косово. Уште колку време ќе држи волјата на Западот да го финансираат скапиот проект за зачувување на границите во нашиот регион и нема ли во еден момент да кренат раце свесни дека на Балканот не функционираат европски туку само балкански решенија? И што со Македонија?
Во годините на нашата независност, претседателот Киро Глигоров ми вели дека треба да размислиме воениот полигон „Криволак“ да им го дадеме на Американците. Така, вели, НАТО ќе се прошири за 200 километри. Му одговарам дека идејата не е лоша само проблемот е во тоа што понудата кај земјите на Источна Европа е многу голема, а побарувачката за мали држави како Македонија со проблематични односи со соседите е мала. И навистина, заглавивме 25 години со нивниот партнер Грција околу „името“. Во моментот кога се судрија интресите на Америка и на Русија на Блаканот, безмалку три децении подоцна,побарувачката порасна, порасна и нашата цена како држава, па проблемот се реши под американски притисок. Како котираме денес на политичката берза? За жал, лошо за нас. Во овие невидени превирања во светската геополитика, кому му е уште гајле за Македонија и дали таа ќе продолжи со преговори за членство во сојуз чија иднина, и онака, е неизвесна.Ако мислите на Европа со своја армија на која и се потребни и малите земји од Западен Балкан за да се заокружи безбедноста на континентот, зборувате за далечна иднина. Сето тоа имаше значење во „американската ера“кога Америка, со својата моќ, го надоместуваше отсутвото на капаците на ЕУ за колективна акција, па заедничката моќ на Западот можеше да се проектира и на Западниот Балкан. Во отсуство на американската моќ, прво големите европски сили ќе треба да ја изградат безбедносната структура, пред да им дозволат на малите држави да им се плеткаат околу нозете. А за тоа ќе треба време. Чаре? На испраќање на скопскиот аеродром на почетокот од деведесеттите, данскиот министер за надворешни работи Јенсен ме советува да не дозволиме да избувне војна во Македонија зашто никој бргу, ако и воопшто, нема да ни дојде на помош. Добар совет и за сегашната гарнитура на власт, како и за секоја, впрочем. Прво треба да се сочува мирот а потоа следи прилагодување на малата држава на новата геополитика во Европа и во светот. Уште, преку членство во ЕУ, не го апсолвиравме основното прашање на старата, а веќе се соочуваме со новата геополитика. Прстот е повторно на рачниот часовник за нас. Старата не сме ја завршиле, а е веќе почнува нова трка во меѓународната политика. Трка во која важат поинакви правила од досегашните: оние на свирепите реалисти.