ТРН признанија за храбрите и упорните гласови во 2025

На 13 декември 2025 година, редакцијата на „Трн“ по втор пат ги додели своите симболични признанија за иницијативи, колективи и поединци кои со својата работа, ангажман и храброст придонесуваат кон поинклузивно, поправедно и посолидарно општество.

Со овие награди, редакцијата на „Трн“ уште еднаш испрати јасна порака дека општествените промени не започнуваат од големите декларации, туку од конкретни дела, локални иницијативи и луѓе кои одбиваат да молчат пред неправдата.

Како и минатата година, жирито беше составено од редакцискиот тим на „Трн“, кој секојдневно ги следи, документира и анализира процесите што го обликуваат јавниот простор, граѓанскиот отпор и солидарноста во Македонија.

ТРН НАГРАДИ

Категории што го мапираат општествениот ангажман

Признанијата се доделуваат во категории кои симболично ги опфаќаат клучните општествени борби и вредности: унапредување на правата на жените и родовата еднаквост, заштита на јавното здравје, младински иницијативи, интервенции во јавен простор и заштита на правата на Ромите.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН се доделува на борците за унапредување на женските права. Во оваа категорија беа доделени две признанија, како одраз на различни, но подеднакво значајни форми на активизам.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН беше врачена на Сара Миленковска за нејзиниот доследен активизам во различни иницијативи за женски права и родова еднаквост, за јасниот јавен говор и за отворањето простор за теми кои често се премолчуваат, но длабоко ја засегаат реалноста на жените.

Наградата ЖЕНСКИ ТРН ја доби и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА за акцијата „Ни требаат 365 дена активизам, а не 16 дена симболика“ и за нивната континуирана, системска борба за женските права, телесната автономија и родовата правда.

Наградата ЗДРАВ ТРН за заштита на јавното здравје претставува награда за солидарноста што не застанува на зборови, туку се претвора во конкретна грижа и поддршка.

Оваа награда беше врачена на Support Kochani, за нивните иницијативи за поддршка на повредените и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, вклучувајќи го и отворањето на Младинскиот центар „Гнездо“, како и бројните акции за собирање донации и медицински препарати.

МЛАДИНСКИ ТРН се додели на глас кој ја разбира политиката од перспектива на младите и ја преведува нивната реалност во јасни и аргументирани пораки.

Оваа награда ја доби Емир Хасановиќ, за неговиот инспиративен медиумски настап со постизборна анализа од младински агол, за пораките за генерацискиот јаз во Македонија и за отворањето прашања поврзани со потребите, политичката свест и улогата на младите во општеството.

Во категоријата ТРН НА ЕДНАКВОСТА за заштита на правата на Ромите, беа доделени две признанија, како признание за институционалниот и личниот активизам.

Наградата ТРН НА ЕДНАКВОСТА ја врачивме на Europe House за аудиобајките „Сјајни ѕвезди – бајки раскажани од Ромите од Европа“, достапни за слушање на ромски, македонски и албански јазик, и за нивниот придонес во промоцијата на културната разноликост и инклузијата.

ТРН НА ЕДНАКВОСТА беше доделен и на Ѓултен Мустафова (Ромалитико) за нејзиниот активизам за правата на жените Ромки и за континуираната борба за видливост, достоинство и еднаквост на Ромската заедница.

ИНТЕРВЕНТЕН ТРН е за гласовите кои во јавниот простор зборуваат храбро, директно и без компромис.

Наградата за интервенција во јавен простор беше доделена на Колективот на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, за говорот на церемонијата по повод доделување на наградите „3-ти Ноември“ и за јавното застапување за изградба на нова театарска зграда.

Награда ви оваа категорија беше доделена и на Иницијативата „Кој е следен?“, за нивните континуирани интервенции во јавниот простор, борбата за правда и отпорот против системската корупција.

Мал трн, голема порака

Признанијата на „Трн“ не се финансиски, ниту институционални. Тие се симболичен гест на солидарност, благодарност и јавно признавање – порака дека некој гледа, слуша и препознава.

Со второто издание на овие награди, „Трн“ ја зацврстува својата позиција како медиум кој не само што известува, туку и активно учествува во градењето на јавниот простор, вредностите и критичката мисла.

Извор: trn.mk

Back to top button
Close