Тројца македонци меѓу наградените за најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2023

 

Европски награди за драмски превод за 2023 година, 

меѓу нив – три на македонски јазик

21 март 2023 – ЕУРОДРАМ – Европската мрежа за современа драма и превод го соопшти изборот на најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2023 година меѓу кои се и три преводи на македонски јазик. Меѓу преводите пријавени од цела Европа, наградени се македонските преведувачи Марио Стојаноски, Мирјана Илиева Јашари и Сашо Огненовски.

Македонскиот комитет на Еуродрам разгледа вкупно деветнаесет предложени драмски преводи на македонски јазик од кои како најдобри ги избра:

  • „Папагал“ од Данило Киш, превод од српски на Марио Стојаноски
  • „Бордел Балкан“ од Јетон Незирај, превод од албански на Мирјана Илиева Јашари и
  • „Ако се разбудиш или како да е тоа важно“ од Исидора Милосављевиќ, превод од српски на Сашо Огненовски.

 

Списокот на најдобри драмски преводи на македонски и на други европски јазици за 2023 година е достапен на http://eurodram.org/2023-selections/  

 

За наградените преведувачи

Марио Стојаноски дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Тој е книжевен уредник на здружението „Кино Балкан“ и еден од уредниците на театарската иницијатива „Штрих“. Досега превел и уредил десетина книги проза и филозофија од англиски, српски и хрватски јазик на македонски. Превел драмски текстови од Сем Шепард, Харолд Пинтер, Данило Киш и Игор Штикс. Неговиот превод на „Неземниот израз на неговите раце“ од Миљенко Јерговиќ добива признание на конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон“ на ЗПРМ.

 

Мирјана Илиева Јашари дипломирала на Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Од албански на македонски јазик превела дела од истакнати автори од Косово, Албанија и Македонија меѓу кои се Јетон Незирај, Аријан Лека, Аг Аполони, Башким Шеху, Бен Андони, Дорунтина Баша, Беким Рамадани и Хашим Бафтијари.

 

Сашо Огненовски е македонски писател и преведувач. Автор е на четири поетски книги, два романа, две детски пиеси и на драмите „Тага“ и „Тврдина“. Добитник е на наградата на Црногорската асоцијација на преведувачи и на меѓународната награда „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво од Риека. Преведува од српски, хрватски, бугарски и англиски јазик. Превел дваесетина книги од сите жанрови меѓу кои и антологијата „Нова српска драма“ издадена од „Перун Артис“ од Битола во 2022 година.

 

За преведените драми и автори

 

Данило Киш (1935 – 1989) е познато име на југословенската книжевност. Може да се рече дека неговото мешано потекло ја предодредило неговата книжевна и интелектуална судбина. За време на Втората светска војна, неговиот татко (унгарски Евреин) е одведен во логор и тој горчлив факт од неговото детство ќе се провлекува низ неговото творештво. Автор е на книгите Гробница за Борис Давидович, Песочник, Енциклопедија на мртвите, Ноќ и магла и други. Добитник е на наградите „Иво Андриќ“, Златен орел на градот Ница и на наградата на весникот „НИН“. Драмата „Папагал“ е напишана во 1970, а објавена во 1983 година, како далечен рефлекс на таканаречените „јунски превирања“ од 1968 година. Текстот во кој главен лик е еден младич имплицитно се занимава со политичките односи меѓу луѓето, а експлицитно со прашањето на личниот интегритет и со тоа како се губи своето „јас“ во свет на нестабилност и хипокризија.

 

Јетон Незирај (1977) е косовски писател, основач и директор на Центар Мултимедија од Приштина. Претходно работел како уметнички директор на Националниот театар во Приштина и како професор по драматургија на Приштинскиот универзитет. Автор е на 25 драми, кои се преведени и објавени на петнаесетина јазици, а биле играни на повеќе европски и американски сцени, вклучувајќи ги Ла МаМа во Њујорк, Театарот Градска гаража во Лос Анџелес, Фолксбине во Берлин, Фолкстеатар во Виена, Пиколо Театро ди Милано, Театарот Види во Лозана, Националниот театар на Косово и Народен театар на Црна Гора. Заснована на трагедијата „Орестија“ од Есхил, драмата „Бордел Балкан“ е, како што вели авторот, „сага на едно балканско семејство” што се распаѓа под товарот на поствоени трауми, национализам и насилство.

 

Исидора Милосављевиќ (1994) дипломирала драматургија на Факултетот за драмски уметности во Белград.  Добитничка е на наградата „Борислав Михајловиќ Михиз“ за драмско творештво во 2019 година. Нејзината претстава „Ако се разбудиш или како да е тоа важно“ во режија на Ненад Тодоровиќ била играна како копродукција на Народниот театар од Лесковац и Народниот театар од Приштина. Тоа е драма за семејното насилство, кое започнува со емоционална незрелост меѓу сопружниците, се акумулира со години и доведуваат до отуѓување, страдање и недоразбирање меѓу членовите на семејството, а се одразува трагично врз децата.

 

За Еуродрам

 

ЕУРОДРАМ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 29 јазични комитети меѓу кои е и македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот  на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на Еуродрам избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и  изведување.

 

Членови на Македонскиот комитет на Еуродрам се: Катарина Коцевска Хаџи Василева, актерка и драмска писателка; Фроса Пејоска-Бушро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз; Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература на Универзитетот Американ колеџ Скопје.

 

За дополнителни информации:

проф. д-р Иван Додовски, претседавач на Македонскиот комитет на Еуродрам

[email protected]

https://www.facebook.com/eurodram.mk/

Back to top button
Close