Тројца мртви во пожар во болница во Хамбург, над 50 се повредени
Три лица загинаа во пожар во болница во северниот германски град Хамбург, соопштија денеска официјални лица.
Повеќе од 50 лица се повредени, од кои 16 потешко, изјави портпаролот на противпожарната служба за ДПА.
Пожарот избувнал на приземјето од болницата „Маријан“ во текот на ноќта, пред да се прошири на првиот кат. Пожарот наводно избувнал во геријатриското одделение на болницата, што е специјализирано за нега на постари пациенти. Причината за пожарот е непозната, како и обемот на штетата.
-Пожарникарите спасуваа луѓе низ прозорците. Во спасувањето учествуваа околу 160 спасувачи. Пожарот е изгаснат, а делови од зградата се евакуирани, изјави портпаролот.
Болницата има околу 600 кревети и лекува приближно 93.000 пациенти секоја година.