Тројца пратеници го напуштаат Собранието, сега имаат градоначалнички места
Во првиот круг од локалните избори тројца актуелни пратеници освоија градоначалнички мандат и наскоро ќе ги напуштат своите места во Собранието. Станува збор за Елизабета Стаменковска-Трајковска, која ќе ја предводи општина Кисела Вода, Јане Мицевски, новиот градоначалник на Сопиште, и Дејан Продановски, избран за градоначалник на Прилеп.

Констатирањето на нивните оставки се очекува на првата пленарна седница што ќе се одржи в понеделник, по завршување на вториот изборен круг. На нивно место ќе бидат назначени следните кандидати од партиските листи — за Стаменковска-Трајковска и Мицевски тоа ќе бидат пратеници од изборната единица 1, а за Продановски од изборната единица 4.
На истата седница најавено е и обраќање на претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос. Во наредните денови се очекува во собраниска процедура да влезе и Предлог-буџетот за 2026 година. Работата на законодавниот дом беше во прекин поради текот на локалните избори.






