Тројца пратеници вчера пријавија дека им се нудат привилегии за да го поддржат Заев, вели Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини дека на тројца пратеници вчера им биле понудено, како што вели привилегии, со цел да ја напуштат коалицијата предводена од неговата партија и да се приклучат на СДСМ.

„Со огромна доза на гадење луѓето ги пречекуваат овие гласноговорници, кои во името на СДСМ и Зоран Заев нудат привилегии. Еве ќе ви кажам, само во изминатото деноноќие, тројца наши пратеници пријавија дека такви добронамерници кои се во некаква релација со тие луѓе, кумска, пријателска, во името на СДСМ и Зоран Заев нудат привилегии, вакви или онакви, само да се даде поддршка на Владата на Зоран Заев и СДСМ која очигледно во моментот ја немаат“,рече Мицкоски.

Со доделувањето на мандатот тече рокот од 20 дена за Заев да предложи до Собранието програма и состав на нова влада.

Мицкоски смета дека овој рок ќе биде искористен за уценување на пратеници.

„Тоа е и целта на Стево Пендаровски, да му даде дополнителни 20 дена да продолжат овие нечовечки, нехумани притисоци врз луѓе. Нема такви што ќе поддржат ваква Влада и ваков мандатар“,вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close