Тројца загинати во пожарите во Шпанија, масовни евакуации низ земјата
Бројот на жртви во шумските пожари во Шпанија се искачи на три лица откако почина доброволец кој доби тешки изгореници помагајќи во гаснењето на пожар во провинцијата Замора, соопшти претседателот на регионот Кастиља и Леон, Алфонсо Фернандез Мануеко.
Ова е втора жртва во овој регион и трета во земјата од почетокот на последниот бран пожари.Најкритична е ситуацијата во Екстремадура, каде пожарот во општината Хариља три дена се шири неконтролирано, зафаќајќи околу 4.600 хектари. Поради тоа, евакуирани се повеќе населби, вклучувајќи ги Хариља, Кабезабелоса и Вилар де Пласенсија, додека Олива де Пласенсија беше целосно блокирана во текот на ноќта. Две куќи изгореа, а Цивилната гарда спроведе присилни евакуации за да ги заштити жителите од непосредна опасност. Поради силните ветрови и сувите бури, дел од автопатот А-66 е затворен, што дополнително ја отежна евакуацијата.
Вкупно 321 пожарникар и 12 авиони, вклучувајќи единици од Андалузија, Кастиља-Ла Манча и Мадрид, се ангажирани во обид да се стави под контрола пожарот, кој се протега на 48 километри. Во регионот Оренсе, пожарите предизвикаа прекин на железничкиот сообраќај меѓу Мадрид и Галиција.
Иако сообраќајот беше делумно обновен утрово, тој беше повторно прекинат по помалку од два часа. Железничката компанија „Ренфе“ соопшти дека возовите ќе останат на станиците додека не се воспостават безбедни услови.
Во Терези де Кофрентес во Валенсија, пожар предизвикан од удар на гром доведе до евакуација на делови од градот и областа Ајора.
Меѓу 170 и 180 припадници на Воената единица за вонредни состојби и пожарникари се фокусирани на две нови жаришта откриени со дронови. На терен се распоредени до осум авиони, вклучувајќи поддршка од Арагон, додека се очекува пораст на температурите во текот на денот.
Вкупно 14 патишта се затворени во регионите Касерес, Замора, Леон, Паленсија и Уелва. Од Брисел е најавена помош со два авиони-танкера на ЕУ, потврди шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка.