Тројцата повредени во несреќата во Нови Сад сè уште се во многу тешка состојба
„Сè уште се живи, што е охрабрувачка вест и тоа е добро, но состојбата сè уште не е стабилизирана. Се прави дополнителна дијагностика, можни се некои дополнителни интервенции, но борбата за нивниот живот сè уште трае. Сместени се во Ургентниот центар каде што им е овозможен комплексен интензивен третман со континуирано следење на виталните функции и хируршки третман на повредите“,изјави в.д. директорката на Клиничкиот центар во Војводина, Весна Туркулов.
За работа со семејствата на повредените ангажиран е тим од психолози и психијатри.
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави дека ќе поднесе оставка по падот на натстрешницата на Железничката станица.
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, изјави дека ќе ја прифати оставката на Весиќ. Рече дека нема сомневање оти Весиќ субјективно не е виновен за уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, но дека, сепак, е објективно одговорен, бидејќи е министер за градежништво, транспорт и инфраструктура.