Тромбонистот од Филхармонија, кому не му беше продолжен договорот, демантира дека не е потребен во оркестарот: Ова работно место е сега празно

Тромбонистот Никола Ристевски, еден од групата незадоволни вработени во оркестарот на Македонската филхармонија, кому не му е продолжен договорот за работа, денеска до „360 степени“ испрати писмена реакција во која ги демантира ставовите на институцијата оти договорот не му бил продолжен бидејќи за тоа не постои ниту законска обврска ниту, пак, објективна причина.

 

Во демантот испратен до „360 степени“, Ристевски вели дека е апсолутно неточно оти договорот не му бил продолжен бидејќи е непотребен зашто, како што вели, во моментот недостасува тромбонист на работно место.

„Бидејќи се дрзнуваат да изнесуваат лаги и невистини во јавноста, би сакал јавно да поставам прашања до нив како раководство. Зошто и како на магистриран тромбонист му издавате решение, без негова согласност, со кое го прераспоредувате на фагот и контрафагот со задолжение да свири делници за втор тромбон? За појаснување, тоа е слично како професор по англиски јазик да ставите да предава германски јазик, кој воопшто не го познава. Или стоматолог да биде хирург. Зошто, иако вработен тогаш, намерно стававте деца од средно и од факултет да свират, без положена аудиција и без оркестарско искуство, а имаше човек што зема плата од државата и седи дома?“пишува Ристевски во писмената реакција испратена до „360 степени“.

За ова, како што вели Ристевски, сведочат мејловите, усната и писмената документација во која тој го моли раководството да го врати на работен список. Во секој наврат бил враќан на работа на негово инсистирање.

„Кој и дали ќе одговара за мобинг во таа институција? Зoшто на крај мораше да заврши со опомена пред тужба, зашто и покрај моето инсистирање, тие секој нареден пат вадеа списоци каде што не е моето име. Кога сме веќе кај сериозен и професионален оркестар, зошто ‘Филхармонија’ дозволи едно од најпознатите дела во историјата на класичната музика ‘Болеро’ да оди без прв тромбон? Со тоа станавме мета за потсмев кај сите соседни и регионални оркестри. За кого е наметната аудицијата за хонорарни соработници предвидена за првата половина од месецов, која е непотполна, без свирење на концерт, туку само оркестарски делници? Зар не служи повторно да се исперат рацете и да бидат ‘чисти’ пред законот, како до сега со се што направија? За повторно оние студенти и деца од средно и факултет да имаат црно на бело дека положиле за да свират во најдобрата, најстарата, гордата институција од 80 години љубов? Зошто имаме забрана да влеземе во зградата на Филхармонија? Некој се плаши од нешто? Зар после толку години работа и труд, вака ли љубовно ни раскинаа?“додава Ристевски.

На крајот на реакцијата ги повика надлежните институции сериозно да се позанимаваат со оваа институција.

Група вработени во оркестарот на Македонската филхармонија пред неколку дена преку онлајн петиција почнаа да собираат потписи за поддршка на колегите на кои не им биле продолжени договорите за работа.

Филхармонија ќе остане без тромбонист, вработени обвинуваат дека директорот самоволно не им ги продолжува договорите за работа

Во образложението на одлуката да не им ги продолжи договорите, од Филхармонија одговорија дека договорите им истекле на крајот на 2024 година, а институцијата не добила финансиска согласност за нивно продолжување.

Back to top button
Close