Трошка поддршка

Почитувани читатели, вообичаено моите колумни кои ги објавувам секој вторник на социјалните мрежи поврзани се за стечајот на Еуростандард банка. Убеден сум дека многумина од вас сметаат дека веќе не сум интересен со темава, бидејќи народски кажано „верглам една иста плоча” две години наназад. Но и вие бидете убедени дека ќе продолжам со моите колумни посветени на стечајот на Еуростандард банка, бидејќи за мене ова е предизвик над предизвици кои што сум ги имал во мојот динамичен живот.

Јавноста и медиумите во голем дел се запознати со мојата човечка димензија, патем дарувањето го сметам за најголема човечка доблест, а правдата ја толкувам како нешто свето за функционален систем во кој настојувам да дадам конкретен приод кон детектирање на постоечките девијантни појави во нашето општество. Од дамнина се знае дека ,,држава без правда е обична разбојничка банда” – Св.Августин.

Право на секој поединец е да ме доживува на начин согласно неговите предиспозиции и знаење. Мојата посветеност да го разрешам криминалот со стечајот на Еуростандард банка е само еден дел од тоа што сакам да го испорачам на целата македонска јавност, а тоа е фактот дека организираниот криминал и корупција во Македонија си има своја држава. Не сум единствениот кој е оштетен од сервилните институциите, кои наместо да го штитат мојот интерес и интересот на многу слични сограѓани како мене, стануваат полигон за поддршка на организираниот криминал и корупција.

Во колумните кои ги објавував во изминатиот двогодишен период, таксативно се наведени сите аномалии на институциите замешани во стечајот на Еуростандард банка, директно или индиректно. Тоа се: Техничката Влада, предводена од Оливер Спасовски, Народна банка, ОЈО и Финансовата полиција. Исто така објавив извештај од мојата приватна истрага за аномалиите во банкарскиот систем, изработен од еминентната ревизорска куќа Р.У.Р, Словенија, предводена од Господинот Драго Кос.

Извештајот од истрагата кој беше објавен и сѐ уште е достапен на социјалните мрежи остана да лебди во нашето секојдневие, без да се почувствува било каква реакција од надлежните со закон повикани институции да реагираат.

Објавениот извештај не ме штедеше ниту мене, бидејќи имав најчесни намери институциите на прогонот и граѓаните да имаат вистинска слика за тоа како се работело во Еуростандард банка и воопшто како функционира банкарскиот систем во Република Македонија со така-наречените позајмици.

Изненадува молкот на политичките партии од власта и опозицијата, кои воопшто не покажуваат интерес за случајот Еуростандард банка, фактографски изнесените недоследности при носењето на банката во стечај, како и објавениот извештај на погоре споменатата ревизорска куќа.

Во двегодишното искуство имав можност да се запознаам со многумина оштетени од системот во Република Македонија и затоа си го земав правото да зборувам во мое и нивно име, дека на организираниот криминал и корупција мора да им се стави крај.

Мудроста вели: „Ако мечката игра кај соседот, утре ќе дојде и на твоја врата”, што би значело дека ноншалантно премолчување на општествено зло гради услови за негови постојано повторување и ,,играње пред нови порти”. Прашање е само кои ќе бидат следните жртви?

Ваква неизвесност станува реалност во Република Македонија или поточно кажано хронична незаинтересираност на граѓаните да се соочат со суровата стварност. Не смееме да ја ставаме главата во песок како ноеви за време на бура, за да не ѝ погледнеме на опасноста во очи, да не ја детектираме реалноста. А реалноста е една, во Македонија владее организиран криминал и корупција.

 

Инспирација за денешниот наслов „Трошка поддршка” е настан од изминатиот викенд. Прекрасните есенски сончеви денови ме мамат да го минувам слободното време на тениските игралишта на Зајчев рид. Тенис, сонце и игра.

 

Мој пријател, професор на еден од Универзитетите во Македонија, на шега ми вели: „Ти ги читам колумните за пријателите кои се многу добри, ама ништо повеќе не читам од тебе објавено на социјалните мрежи”. Бев изненаден од ваквата констатација, бидејќи се работи за личност која во себе има инкорпорирано многу знаење и искуство. Дали се работи за летаргија или пак едноставно незаинтересираност не можев да разберам, меѓутоа ме изненадува фактот дека интелектуалци, свесни за нашето секојдневие, одбегнуваат правилно да се информираат и да заземат одредени ставови како до подобро општество. Не сум во прашање јас, Трифун Костовски, во прашање е секој поединец, граѓанин на Република Македонија.

 

Целта на денешнава колумна е да си даваме еден на друг трошка поддршка, особено кога ќе почувствуваме дека таа многу ни значи.

 

Без меѓусебна поддршка нема да може да ги натераме институциите на прогонот да го одработат тоа за што се повикани. Поддршката од секој сограѓанин, без разлика на неговата етничка и верска припадност и степенот на неговото образование се од суштинско значење. Само на овој начин ќе можеме да влијаеме врз политичките партии во Македонија, наместо кон своите лични и партиски приврзаници да се посветат на колективното добро за државата и секој поединец во неа.

Јас сум давал и давам поддршка, но и барам. Барем трошка, за стимул.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close