Трошоците за живот за еден месец пораснале за 1,3 отсто

Во август годинава во однос на истиот месец лани трошоците на живот се зголемени за 16,8 проценти, а цените на мало за 14,2 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика

Трошоците на живот во август во однос на јули годинава се зголемени за 1,3 отсто, а цените на мало за 0,6 отсто.  Во август годинава во однос на истиот месец лани трошоците на живот се зголемени за 16,8 проценти, а цените на мало за 14,2 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.

Пораст на индексите на трошоците на животот во август 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај лебот и житата за 6,4 отсто, свежото и разладеното овошје за 3,8 отсто, млекото за 3,6, месото за 2,5, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,4 отсто, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 1,3 отсто, пивото за 1,2, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,6, рибата и морските плодови, кафето, чајот, какаото за 0,3 отсто.

Во август, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај услугите за сместување за 27,6 отсто, централното греење за 14,2, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 12,4, канцелариските материјали и материјалите за цртање за 6,4 отсто и другите печатени материјали за 5,8 отсто.

Од државниот завод за статистика велат дека пораст на индексите има и кај рестораните и кафулињата за 3 отсто, цврстите горива за домаќинствата за 2,8, патниот патнички транспорт за 2,6, производите за домаќинставата-нетрајни за 2,5, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 2,2, услугите за одржувањето и поправките на живеалиштето за 1,8 отсто.

И кај материјалите за одржување и поправки на живеалиштето има пораст на индексите за 0,9 отсто, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот, електричните апарати за лична хигиена, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,8, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,7, мебелот и покуќнината за 0,4 отсто.

Намалување на трошоците на животот во август во споредба со јули годинава е забележано кај маслото и маснотиите за 4,1 отсто.

Во август, исто така, намалување на индексот на трошоците на животот е забележан и кај горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 10,9 отсто, течните горива за домаќинствата за 10,3 отсто.

Намалување на индексите има и кај воздухопловниот патнички транспорт за 5,3 отсто, информатичката опрема за обработка на податоците за 3,1, туристичките аранжмани за 2,9 отсто, кај чевлите и другите обувки за 2,3 отсто, игрите, играчките и хобијата за 1,5 отсто.

Минатиот месец Државниот завод за статистика регистрираше годишен раст на трошоците на живот од 16 отсто, а од 1,9 проценти на месечно ниво. Цените на мало, пак, забележаа зголемување од 14 отсто во јули годинава споредено со јули лани, а за 2,5 отсто во однос на јуни.

Back to top button
Close