Трошоците за живот за еден месец се зголемиле за 0,2 отсто, а на годишно ниво се повисоки за 2,9 проценти
Државниот завод за статистика објави и дека индексот на цените на мало во февруари бележи намалување од 0,3 отсто во однос на претходниот месец, а на годишно ниво индексот на цените на мало бележи зголемување од 1,6 проценти

Индексот на трошоците на живот во февруари годинава бележи годишно зголемување од 2,9 отсто во однос на истиот месец претходната година. Истовремено, индексот на цените на мало е зголемен за 1,6 отсто, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците на живот, во февруари е зголемена за 0,2 отсто во споредба со претходниот месец.
На годишно ниво, храната и безалкохолните пијалаци се поскапи за 3,9 отсто, а алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците, за 4,9 проценти. Најголемо зголемување на годишно ниво има во секторот рекреација, спорт и култура кои биле поскапи за 5,4 отсто.
Според податоците од ДЗС, растот на трошоците на живот е резултат на повисоки цени во повеќе сектори.
Најзначаен пораст во февруари, пак, во однос на претходниот месец е забележан во секторот образование, каде што има зголемување од четири отсто.
Освен во овој сектор, значителен придонес кон инфлацијата имаат и зголемувањата на цените кај облеката и обувките, кои се поголеми за 1,1 процент.
Зголемување на трошоците имало и за лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги, кои во февруари биле повисоки за 0,9 отсто.
Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици бележат зголемување за 0,3 проценти.
Иако помали, зголемувања се регистрирани и кај храната и безалкохолните пијалаци, како и кај групата домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, кои се поскапи за 0,2 отсто
Во февруари, во однос на претходниот месец, намалување на трошоците на животот е забележано кај групите покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата, здравствена заштита, транспорт и информации и комуникации, кои се пониски од 0,2 до 0,8 отсто.
Државниот завод за статистика објави и дека индексот на цените на мало во февруари бележи намалување од 0,3 отсто во однос на претходниот месец, а на годишно ниво индексот на цените на мало бележи зголемување од 1,6 проценти.
Најголемо зголемување кај цените на мало на месечно ниво има кај земјоделските производи, кои се повисоки за 0,7 отсто.
За 0,5 отсто во февруари поскапи биле и алкохолните и безалкохолните пијалаци.
И на годишно ниво најголемо поскапување има кај земјоделските производи, и тоа за 3,4 отсто, а кај прехранбените и индустриско-прехранбени производи тоа е повисоко за 3,3 проценти.






