Туфегџиќ: Денеска првпат дознаваме дека двајца вработени од „Комунална хигиена“ во критичниот момент биле пред зградата каде е грабната Вања 

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој е бранител на обвинетиот татко на Вања, Александар Ѓорчевски, смета дека со денешкиот исказ сведокот и началникот во СВР Скопје Дејан Димовски потврдил дека однесувањето на Александар му останало само на ниво на сомневање и дека не обезбедил релевантни докази дека тој има удел во грабнувањето на неговата ќерка.

Тој истакна и дека се изнесени нови моменти.

– Денеска првпат дознаваме дека од еден од видео-записите имало двајца вработени од „Комунална хигиена“ кои утрото во критичниот момент биле пред зградата на ул. Наум Наумовски-Борче, кога возилото цитроен се појавило. Не знам дали тие луѓе се обезбедени и дали е направен обид да се стапи во контакт со нив. Тие во критичниот момент биле пред зградата. Исто ново е за мене е дека наводно Вања имала некаков обид да се самоповреди заради кавга со родителите. Немам ваква информација. Родителите вакво нешто не истакнале – рече бранителот.

 

На новинарско прашање зошто два часа по грабнувањето Александар со автомобилот бил забележан кај Качанички пат, неговиот адвокат рече дека таткото во ниеден момент не се обидел да сокрие дека бил на неколку локации, а не само кај Качанички пат.

 

– Еден од сомнежите е една избришна порака од вибер-група со родителите на соучениците на Вања, за која воопшто не се утврди со каква содржина е. Ние како одбрана утврдивме дека тоа е комуникација со една родителка која пројавила интерес до каде е работата, се прави ли непто, а Александар одговсра ништо, полицијата тврди дека Вања е избегана. Потоа брзо Александар ја избришал пораката, помисли да не се сфати како притисок врз полицијата – рече Туфегџиќ.

Тој истакна дека Александар и Гоце уште на 29 ноември веќе ги имале сознанијата преку нивни пријателски врски преку Сејф сити дека посоченото возило цитроен е предмет на потрага во претходните денови.

– Ова што им го дале Александар и Гоце е клучниот момент на поврзување на двата настани и можност за откривање. Да не биле вклучени двајцата, Вања и Панче се уште ќе се водеа за исчезнати – рече адвокатот.

За виртуелното момче од Шведска кое на профил имало знамиња од ИСИС, со кое Вања се допишувала преку социјалните мрежи, Туфегџиќ информира дека тоа е дете кое имало 14 години, а не возрасен човек.

– Има контроверзии во исказот. Ќе вложиме приговор, а по сослушувањето на Алексадар до судот ќе предложиме соочување помеѓу Александар и инспекторите Музафер и Дејан заради целосно расчистување на работите – рече адвокатот Владимир Туфегџиќ.

Back to top button
Close