Туфегџиќ: Сѐ што кажа сведокот Гоце Трајковски е во полза на одбраната на Александар Ѓорчевски
Сѐ што кажа сведокот Гоце Трајковски е во полза на одбраната на Александар Ѓорчевски, бидејќи Гоце Трајковски изнесе буквално сѐ што знае. Дејствијата кои ги преземал во текот на целата постапка, во еден дел и по барање на полицијата и тоа воопшто не е спорно, изјави Владимир Туфегџиќ, адвокатот на Александар Ѓорчевски, денеска, по завршувањето на судското рочиште во Основниот кривичен суд за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Гоце Трајковски помагал во истрагата заедно со таткото на Вања прибавувајќи видео материјали.
Според адвокатот Туфегџиќ, сведокот на денешното рочиште дал непристрасен исказ од кој не може да се извлече ништо што би го компромитирало таткото Александар во целата постапка.
– Сведоци сте денеска дека сѐ што кажа Гоце Трајковски, ние приговор немаме. Сѐ е во корист и во полза на одбраната на Александар, бидејќи Гоце Трајковски изнесе буквално сѐ што знае. Дејствија кои ги преземал во текот на целата постапка, во еден дел и по барање на полицијата и тоа воопшто не е спорно. Човекот даде еден непристрасен исказ од кој не може да се извлече ништо што би го компромитирало Александар во целата оваа работа. Ние во основа сме задоволни затоа што конечно се слушна целосната вистина, се слушна она што Гоце го кажа пред јавниот обвинител во поширока варијанта. Ние како одбрана сме задоволни, рече Туфекџиќ.
Трајковски, додаде тој, не е само сведок на Обвинителството, туку беше доставен и во листата на докази и сведок на одбраната.
– Најбитно е што јас на судот не сум му барал да не му поклони верба, ова не е само сведок на Обвинителството, туку доставен во листа на докази и како сведок на одбраната, така што ние приговор и забелешка на неговиот исказ немаме. Во глобала и генерално на сите детали по сеќавање многу спонтано, отворено и реално ги кажа сите состојби и го објасни она што е најбитно неговото учество во целата оваа постапка, рече Туфегџиќ.