Туфегџиќ за Димитровска: Не се службена тајна информации објавени на YouTube
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, денеска поднесе оставка до Собранието, потврди нејзиниот адвокат Владимир Туфегџиќ за Скопје1.
„Како бранител ангажиран во текот на вчерашниот ден, го советував мојот клиент дека треба да поднесе оставка, од причина што на тој начин ќе се создаде нормален амбиент за понатамошно водење на постапката“, изјави Туфегџиќ.
Во однос на обвинението против Димитровска, адвокатот смета дека тоа е „проблематично по повеќе основи“. Според него, информациите што се споделени не можат да се квалификуваат како службена тајна, бидејќи се однесуваат на одлуки донесени во 2022 и 2023 година, кои, како што тврди, биле усвоени на транспарентни и јавно достапни седници.
„Седниците беа пренесувани во живо на YouTube каналот на Комисијата, медиумите беа информирани однапред, а самите одлуки се објавени на официјалната веб-страница“, појаснува тој.
Во делот на безбедносниот сертификат, Туфегџиќ додава дека евентуален пропуст во формалниот тест не може да се третира како кривично дело. „Суштинска е проверката од АНБ, која влијае на конечната одлука, а ненамерен пропуст не значи инкриминација“, вели тој.
Адвокатот најави и барање за раздвојување на постапката против Димитровска од случајот „Адитив“, со образложение дека се работи за неповрзани предмети, а со цел поголема економичност и ефикасност во постапката