Туфегчиќ: Обвинителство не докажа надвор од разумно сомнение дека таткото го сторил кривичното дело кое му се става на товар

По основ на таткото, Јавното обвинителство не докажа надвор од разумно сомнение дека го сторил кривичното дело кое му се става на товар, изјави бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегчиќ, по завршните зборови на обвинителство за случајот за убиството на Вања и Панче.

Туфегчиќ, во изјава за медиумите по денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, рече дека лично е изненаден од завршните зборови на Обвинителството од причина што, како што вели, очекувал силна енергија и силни аргументи, додека напротив вели, „добивме само една сувопарна компилација на прочитани докази, неповрзани едни со други“.

-Единствениот темел на обвинението, на Обвинителството за таткото е тоа што во даден момент, според нечија перцепција тој се однесувал чудно, односно бил чуден. Не слушнавме и не е понуден ниту еден доказ за каква било негова инволвираност и од тие причини сметам дека се остварија моите предвидувања, дека Обвинителството нема да го повлече обвинението и верувам во една праведна одлука на Судот во однос на таткото, изјави Туфегчиќ.

Основот на одбраната, нагласи Туфегчиќ, е дека не постои ниту една комуникација, ниту нешто што би го компромитирало таткото или би го довело во врска со останатите обвинети.

-Не постои ништо што би го довело таткото во врска со овие луѓе, за кои во текот на постапката се изведени доволно докази, од кои секој обичен набљудувач може да изведе еден логичен заклучок дека во овој случај основот на обвинението користољубие е одамна паднат и овде се работи за сосема нешто друго. Според мене лично, дело извршено за да се внесе страв и немир во населението, особено во основните училишта, а кои биле мотивите, тоа е докрај нерасчистено поради една површна истрага и многу пропусти во истражната постапка, нагласи Туфегчиќ.

Според  Туфегчиќ, сосема е бесмиселно, во 21 век да се примени тортура, при постоење на современи истражни методи и технологија со кои може да се дојде до вистината.

Back to top button
Close