Тунелот кај Деве Баир ќе го гради еден изведувач
Забелешките на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, околу железничкото поврзување со Бугарија се покажале како аргументирани. Претставници на Бугарија и на Македонија на вчерашната работна средба во Софија се согласиле дека трансграничниот тунел Деве Баир е поцелисходно да биде изграден од еден изведувач.
Според македонското Министерство за транспорт, биле прифатени аргументите на Николоски – дека мора да има заеднички проект за тунелот со цел да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата, да се ревидира цената која е превисока и да се ревидира самиот проект.
„На состанокот од двете страни беше прифатено целиот проект во делот фаза 3 (делница Крива Паланка – Деве Баир), да биде преиспитан од причина што сегашната цена е превисока и неразумна со интенција истата да се намали. Двете делегации, исто така се согласија да се користи одлуката за технички проект за тунелот поднесен од ЈП Железници Инфраструктура“, се вели во соопштението.
На вчерашниот состанок во Софија учествуваа бугарскиот заменик- министер за транспорт и врски, Бисер Минчев, државниот секретар во македонското Министерство за транспорт, Стефан Волкановски, директорите на компаниите за железничка инфраструктура од двете земји, претставници на Европската комисија, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ). На средбата размениле информации, зацртале временска рамка и ги споделиле нивните искуства за технички прашања поврзани со изградбата, посебно во делот на процедурите за идното функционирање на прекуграничниот тунел „Деве Баир“.
Ќе се одлучува кој да ја спроведе јавната набавка
И бугарското Министерство за транспорт вчера соопшти дека е постигната согласност еден изведувач да го гради тунелот, но без други детали.
„По анализа на техничките можности и проценка на ризиците, учесниците на средбата се согласија дека прекуграничниот тунелски објект Деве Баир е поцелисходно да биде изграден од еден изведувач. Претставниците на ЕИБ и ЕБОР изразија поддршка за оваа техничко решение и подготвеност да соработуваат при подготовката и спроведувањето на тендерската постапка. Која од страните ќе ја спроведе јавната набавка за изведувач на тунелскиот објект, ќе се одлучи во следните разговори со потенцијалните финансиски институции“, соопшти бугарското Министерство за транспорт
Разговорите на оваа тема почнаа во Брисел на 16-ти октомври годинава. Тогаш од македонско Министерство наведоа дека Македонија не се откажува од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но не може да се прифати реализација на проект кој завршува во тунел, за кој во Бугарија нема проект.
„Единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји и Македонија и Бугарија заеднички да извршат пробивање на тунелот, со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа“, соопшти тогаш македонското Министерство.
Од ресорот посочиле и дека мора да има нов повик кој би бил заеднички проект спроведен од Македонија и Бугарија со цел во исто време да се гради пругата, во духот на добрососедството, но и дека мора да се ревидира цената, бидејќи е превисока.
Изградено за време на Втората светска војна
Критиките околу (не)подготвеноста за железничко поврзување, се зголемија по неодамнешната изјава на бугарската министерка за транспорт, Красимира Стојанова, дека „Бугарија во моментов ја има изградено целата железничка инфраструктура, при што останува неизградена една делница од околу 2,5 километри, а земјата ќе биде подготвена најдоцна до 2030 година да ја изгради таа делница од Гуешево до границата со Северна Македонија“.
„Нивните 2.7 километри од пругата за Коридорот 8, ќе ги доправеле ‘најдоцна до 2030′!?! Инаку сега сме 2024. Очигледно и на бугарската политика не им недостасува демагогија“, коментираше поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.
Критики имаше и во бугарската јавност – дека со децении не е пробиен ни метар повеќе, од она што било изградено пред речиси еден век.
Хронологијата на бугарската Национална компанија „Железничка инфраструктура“ (НКЖИ), открива дека првите работи на посочената делница требало да почнат во 1908 година. Но, поради тешкотиите што се појавиле на теренот, стартот бил одложен за една година. Не почнал ни тогаш. Поради напнатата ситуација на Балканот, непосредно пред избувнувањето на Првата Балканска војна во 1912 година, проектот бил одложен речиси три децении. А почнал да се гради за време на Втората светска војна.
Со Уредба на бугарската влада од 3.5.1941 година било наложено да почне изградбата на делницата Гуешево-Крива Паланка-Куманово. Се градело со забрзано темпо сѐ до август 1944 година, кога поради историски околности работите биле прекинати. Кон крајот на ‘40-тите години продолжиле одредени активности на пругата, но целосно замреле по влошувањето на односите меѓу СФРЈ и Бугарија.
Тоа што било изградено во текот на Втората светска војна е истото што суштествува и денес. Има железничка пруга до Гуешево, која делумно продолжува понатаму, но не стигнува до тунелот, а патот до него е обраснат од треви и ниска вегетација.
„Природата одамна го ‘презела’ она што остана од изграденото во годините на последната светска војна. Како тажен сведок на стремежите и надежите на поколенијата од тоа време, стои недовршениот тунел под Деве Баир во должина од 2.368 метри, од кои 1.194 метри се на бугарска страна, а само 550 метри се целосно завршени“, наведоа од НКЖИ.