Тунева: Медиумите не треба да се третираат како пропагандна машинерија за политичко поентирање

Пандемијата не смее да се политизира и политиката мора да остане надвор од овој процес, а медиумите не треба да се третираат како пропагандна машинерија за политичко поентирање, вели во интервју за МИА, Марина Тунева извршен директор на Советот за етика во медиумите (СЕММ).

Сегашната криза со коронавирусот, посочува Тунева, доведе до појава на случаи на стигматизација, дискриминаторно однесување, говор на омраза и се појави феноменот на барање виновници и жртви.

– Институциите, креаторите на јавно мислење, јавните личности, медиумите треба јавно да застанат против овој феномен и да ја осудат дискриминацијата, бидејќи еден, единствен, чин на дискриминација лесно може да се „намножи“ и да донесе цел еден нов бран, оценува  во интервју за МИА Тунева.

Имаме долга историја на политичка манипулација врз медиумите, вели Тунева, посочувајќи дека некои од медиумите свесно влегувале во овие процеси, а некои по инерција, без воопшто да ја преиспитаат својата редакциска политика. Па, така, спонтано или не, станале „сервис“ на политички центри кои им задаваат „домашни задачи“ и им наметнуваат агенда на известување.

– Кога новинарите, главно, се фокусираат на тоа кој губи, а кој победува, наместо на политиката на дејствување, страдаат гласачите, кандидатите и медиумската индустрија, нагласува Тунева.

За ефектите на сензационалистичките стории, непрофесионалното известување и политизирање на корона кризата и опасноста што тоа го носи може да прочитате во продолжение на целото интервју.

 

– СЕММ реагираше и ќе продолжи да реагира на неетичкото известување во медиумите, без разлика за каков тип на нарушување на стандардите станува збор. Нашето искуство потврдува дека медиумите коишто водат сметка за професионалниот интегритет го прифаќаат својот дел од одговорноста за квалитетот на информирањето. Притоа, доколку направиле грешка навремено ја  коригирале, реагирале соодветно и за тоа ја известиле јавноста. Меѓутоа, има бројни случаи кога медиумите не се однесуваат така. Ниту ја прифаќаат сериозната обврска што ја имаат кон јавноста, ниту учествуваат во системот на медиумска саморегулација, ниту, пак, реагираат на укажувањата на граѓаните, професионалните организации и фелата. Продолжуваат да функционираат според своите „замислени теркови“.

Коректното и вистинското информирање не бара само фактичка точност, туку и нефаворизирање центри на моќ, политичари, идеологии или определени агенди. Спротивното однесување на овие правила и принципи објаснува зошто се случуваат проблемите во новинарското известување. Слугувањето на поединци, центри на моќ или безрезервното следење одредени каузи го компромотира новинарскиот интегритет, а вредностите на професијата паѓаат во вода.

Во сегашните услови на загриженост, паника и стравување кај јавноста во врска со пандемијата на коронавирусот, медиумите најмалку смеат да бидат (зло)употребувани за поделба на луѓето преку различни политички препукувања. Пандемијата не смее да се политизира и политиката мора да остане надвор од овој процес. Медиумите не треба да се третираат како пропагандна машинерија за политичко поентирање. Ако јавноста стекне впечаток дека проблемот со оваа пандемија е под влијание на политичките препирки, таа ќе ја изгуби довербата во информациите.

 

– Бројот на поднесени пријави за неетичко информирање покажува дека за јавноста, разбирливо, кризата со коронавирусот е најболната тема.  Фактот дека реагираат сѐ почесто не само што упатува на тоа дека граѓаните имаат вештини да го препознаат непрофесионализмот во медиумското известување, туку и дека треба да бидат слушнати од медиумите кои треба да си постават едно елементарно прашање, а тоа е дали јавноста е подготвена да се справи со коронавирусот како резултат на нивната работа.

Од друга страна, до СЕММ, како и вообичаено, јавноста реагира на различни, други, ситуации во кои што станува збор за нарушување на етичките стандарди, вклучувајќи го едностраното известување, нарушувањето на приватноста, дискриминацијата и говорот на омраза, итн. Сосема природно е публиката на медиумите да бара гаранции за вредноста на новинарските информации.

 

– Причините за ова се, веројатно, повеќекратни, а бројни анализи укажувале дека доминантно се поврзани со клиентелизмот, заземањето страна и навивањето без критички однос, служењето како „мегафон“ и гласило на одрени политички субјекти, заради стекнување придобивки, итн. Но, последицата е јасна, загрозување на јавниот интерес и нанесување штета на гласачите.

Имаме долга историја на политичка манипулација врз медиумите. Некои од медиумите свесно влегувале во овие процеси, а некои по инерција, без воопшто да ја преиспитаат својата редакциска политика. Па, така, спонтано или не, станале „сервис“ на политички центри кои им задаваат „домашни задачи“ и им наметнуваат агенда на известување. За време на избори се случувало во етерот да се пробиваат различни теми кои што ги диктирале политичарите, а недостигал критичкиот однос и дистанца од страна на медиумите. Оттука, во новинарските содржини се забележувале различни контроверзни прашања и теми наметнати од самите кандидати и партии, според што се добива претстава дека медиумите, главно, биле искористени за промоција и кампања, а не за да го информираат или едуцираат електоратот. Наместо да се постават прашањата дали ставовите и изјавите на кандидатите „држат вода“, новинарите повеќе се ориентирале кон тоа да анализираат како се подготвувала секоја страна и на каков прием наидува. Освен тоа, кога новинарите, главно, се фокусираат на тоа кој губи, а кој победува, наместо на политиката на дејствување, страдаат гласачите, кандидатите и медиумската индустрија.

Јавниот интерес треба да биде главен предуслов при селекцијата на темите што ѝ се презентираат на публиката. Освен информативната, медиумите имаат и едукативна улога, тие треба да го збогатуваат јавниот дискурс, да влијаат на негово култивирање, а не на спуштање на нивото на јавната комуникација и креирање атмосфера што не доликува на едно современо демократско општество.

 

– Сензационализмот во информирањето не е нова појава и сме ја забележувале во многу околности, а особено при поголеми случувања, настани како што се изборите или, пак, во услови на криза, како сегашната. Членот 8 од Кодексот на новинари на Македонија јасно укажува дека „начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“. Изборот на фактите мора да обезбеди објективна информација и согледување на сите значајни аспекти на темата за која се говори.

Неретко, медиумите тоа го правеле заради придобивање поголема публика, „кликови“, посетеност… Последиците од сензационалистичкото информирање може да бидат поттикнување лажна надеж или, пак, создавање неосновани стравови. Се случува некои луѓе и воопшто да не се во можност да направат разлика меѓу просечна новинарска приказна и сензационалистичка содржина. Ефектите на сензационалистичките стории може да траат подолго време и да ја сменат перцепцијата на јавноста, погрешно да ги насочат граѓаните, па и да поттикнат нерационално однесување. Таквата пракса е штетна за јавноста и за медиумската индустрија.

Лекот за оваа појава е урамнотежено известување, непристрасност, застапување на гласот на сите засегнати страни, користење веродостојни и релевантни извори на информации, а, пред сѐ, следење на јавниот интерес.

 

– За време на криза се случуваат појави од типот на етикетирања, стереотипизирање, дискриминација, изолација, стигматизација, итн., како и некаква перципирана „врска“ на поединци или групи со вирусот. Сегашната криза со коронавирусот доведе до појава на случаи на стигматизација, дискриминаторно однесување и говор на омраза. Се појави феноменот на барање виновници и жртви. И историјата потврдува дека инфективните болести често биле поврзувани со „оној другиот“, по што следувале микро-агресии, насилство, дискриминација, стигматизација итн.

Институциите, креаторите на јавно мислење, јавните личности, медиумите треба јавно да застанат против овој феномен и да ја осудат дискриминацијата, бидејќи еден, единствен, чин на дискриминација лесно може да се „намножи“ и да донесе цел еден нов бран …

Медиумите имаат една од главните улоги во борбата против дискриминацијата. Преку препознавање и осуда на дискриминацијата, говорот на омраза, новинарите можат да помогнат во надминувањето на нееднаквоста и на повредите на основните права. Во член 10 од Кодексот на новинарите стои дека „Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа…“. Во контекст на ова, ќе потсетам и на Препораката од Комитетот на министри на земјите-членки на Советот на Европа од 1997 година, според која „медиумите може позитивно да придонесат кон борбата против нетолеранцијата, а особено да ја зајакнат културата на разбирање меѓу различните етнички, културни и религиозни групи во општеството“. Мисијата на медиумите треба да биде насочена кон намалување на тензиите и конфликтите по различни основи.

 

 

Back to top button
Close