Тупанчески: Говорот на омраза не секогаш треба да го врзуваме за Бугарија

Секој кој смета дека во некој текст или некое друго место има елементи на говор на омраза, може да поднесе кривична пријава, но само институциите на нашата држава се оние кои треба да одлучуваат по тоа прашање, вели министерот за правда Никола Тупанчески во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

– Ние имаме национално сопствено законодавство каде што прецизно го имаме дефинирано поимот говор на омраза или синтагмата говор на омраза. Тоа значи дека доколку има прекршување на она што се нарекува позитивно право тогаш ќе зборуваме за говор на омраза без некакви дополнителни елементи или сегменти. Нашата дефиниција за говор на омраза што претставува предикативно дело за некои потешки форми на кривични дела е позиционирано врз основа на добро утврдени европски стандарди, така што без оглед на конкретните состојби, билатералниот договор е прилично апстрактен во таа сфера, меѓутоа ние имаме национална регулатива и доколку се држиме до националната регулатива практично ќе стигнеме и до посакуваната цел дека говорот на омраза не секогаш треба да го врзуваме со Бугарија, туку да му дадеме малку екстензивно значење, истакнува Тупанчески.

Тој нагласува дека најновата измена на Кривичниот законик во член 426, која се однесува на предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, не може да се поврзува со билатералниот протокол, што неодамна го потпишавме со Бугарија.

– Практично нема никаков континуитет или некаква конекција меѓу измените и дополнувањата односно новиот Кривичен законик и неговата прва верзија со актуелните случувања во нашата држава. Две и пол, односно три години наназад, се работеше на оваа привична драфт верзија која што е прикачена на ЕНЕР системот и сите измени, дополнувања, надградба на актуелниот Кривичен законик беа направени врз основа на други стандарди што не се поврзани со актуелните случувања, вели министерот за правда.

Тој потенцира дека при ова се тргна од позицијата дека треба да се земат предвид компаративните искуства, детектираните слабости во Кривичниот законик во однос на практиката и се разбира меѓународните стандарди.

Кога станува збор конкретно за членот 319, чинам дека беше 426 во драфт верзијата овие додавки или овие суфикси во таа одредба се како резултат на одредени меѓународни стандарди кои што произлегуваат од дефинирањето на поимот омраза. Омразата има свои европски стандарди во однос на нејзиното етаблирање и практично членот 426 претставува само продукција или консеквенција на она што се нарекува меѓународен стандард, апстрахирајќи се од конкретните случувања, потенцира министерот Тупанчески во интервјуто на Радио Слободна Европа.

 

Back to top button
Close