Тупанчески: Граѓанскиот законик претставува сериозен предизвик

Во Клубот на пратеници денеска се одржа конститутивна седница на Работната група за изработка на Граѓанскиот законик на Република Северна Македонија, што, според министерот за правда Никола Тупанчески, претставува сериозен предизвик во однос на законодавната агенда и на тоа „што се нарекува кодификација на едно законодавство кое што до скоро, а и во моментот, според позитивните прописи претставува или е парцијализирано“.

– Самата работна група, начинот, структурата, членовите од кои е составена, можам да кажам дека делуваат ветувачки, дека ќе бидат на ниво на задачата и уште еднаш ќе покажеме како држава дека се приближуваме или инклиминираме кон современите европски, светски трендови во однос на кодификација на граѓанското законодавство, рече тој во изјава за медиуми пред седницата.

Професорот Дејан Мицковиќ, потпретседател на Работната група за подготовка на Граѓанскиот законик, истакна дека подготвувањето на Граѓанскиот законик ќе биде една од најзначајните реформи во сферата на правото во земјава во последниве 30 години.

– Граѓанскиот законик ќе биде составен од пет дела – општ дел на граѓанскиот закон, дел за стварно правни односи, дел за облигациони правни односи, четвртата книга ќе биде за наследно правни односи и петата книга за семејно правни односи. Со Граѓанскиот закон ќе се обезбеди на еден систематски и сеопфатен начин да се регулираат сите граѓанско-правни односи значајни за граѓаните. На овој начин ќе добиеме нов квалитет во регулирање на граѓанско-правните односи. Истовремено, што мислам дека е и најзначајно, ќе се направи една сериозна реформа за да се надминат правните празнини, застарените законски решенија и да добиеме навистина еден граѓански закон по европски терк, образложи тој.

Со донесувањето на Граѓанскиот закон, проект што би требало да заврши за две години, како што рече Мицковиќ, земјава ќе се вброи во поголемиот број европски држави што имаат граѓански законици, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија, Австрија, Швајцарија, земјите од Источна Европа – Чешка, Полска, Русија, Грција, Албанија и Косово и Србија, кои веќе имаат нацрти на граѓанските законици.

Back to top button
Close