Тупанчески: Moра да се воведат построги правила и критериуми, изборот за шеф на ОЈО ГОКК покажа слабости

Министерот смета дека за избор ќе мора да се додаде цензус, како и да се разгледа дали ќе има потреба да се воведе втор круг и некој дополнителен критериум

Моделот за избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) покажа слабости, оценува министерот за правда, Никола Тупанчески, и најавува негови измени во однос на построги правила и критериуми.

Моделот што се користеше на изборите во понеделник беше за првпат според новиот Закон за јавно обвинителство, според кој обвинителите од цела држава гласаа не непосредни избори на кои најмногу гласови освои шефот на Вишото јавно обвинителство во Гостивар, Ислам Абази.

„Ова е трет модел каде во нашата држава се обидуваме да стигнеме до вистинскиот модел во кој ќе бидат исклучени надворешните влијанија во однос на изборот на првиот човек на ОЈО ГОКК. Првпат јавните обвинители непосредно го бираат првиот човек, да не заборавиме Законот за ЈО беше консензуално донесен, беше прифатен од сите и практично моделот кој го тестиравме пред некој ден, според мене покажа одредени слабости. Она што можеби во иднина треба да се преземе е дека тој модел не е доизграден и сметам дека доколку бидат додадени некои дополнителни критериуми во однос на изборот мислам дека би стигнале до подобри резултати и пообјективен избор“ рече денеска Тупанчески.

Абази на изборите имаше тројца противкандидати: Ермон Незири, Вилма Русковска и Деса Пауновска. Тој победи со 66 освоени гласа или само два повеќе од Незири.

Токму тоа што еден глас може да одлучи за тоа кој ќе биде нов шеф на ОЈО ГОКК и немањето втор круг гласање, се дел од размислувањата на Тупанчески за тоа во која насока треба да се движат измените.

„Ќе се движиме во насока зашто некои параметри останаа недефинирани докрај, во смисла на тоа, ќе се обидам да карикирам, што може првиот човек на организиран криминал може да биде избран само со еден глас од страна на едно лице. Ќе мора тука да се додаде цензусот, дали ќе има потреба од втор круг на избори, од некој дополнителен критериум … Би сакал да подвлечам дека во нашата главниот проблем не е квалитетниот закон, туку се судираме со суштинскиот проблем, а тоа е капацитетот на институциите и интегритетот“ одговори Тупанчески на прашањето дали како Министерство за правда ќе побараа законски измени.

Back to top button
Close