Тупанчески вели дека се размислува за законски измени против „затворскиот туризам“

Министерот за правда, Никола Тупанчески, во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека во неговиот ресор се размислува за законски измени со што ќе се спречи т.н. „затворски туризам“. Терминот и праксата станаа актуелни во последниве месеци, откако високопрофилни осуденици (Сашо Мијалков и претходно Орце Камчев) почнаа да ја користат законската можност да го менуваат живеалиштето за потоа да служат во друг затвор наместо во Скопје.

Конкретно, и Камчев и Мијалков ја сменија адресата во Охрид за да служат во затворот во Струга, кој е од отворен тип.

Никола Тупанчевски, министер за правда, фото: принтскрин, РСЕ.
„Испадна дека Струга е градот на затворски туризам. Се работи нели за закон од отворен тип и се разбира дека и во однос на безбедноста и условите за издржување на казната се попривилегирачки или подобри во однос на другите казнено поправни установи во нашата држава. Правна можност за тоа постои, но она што ние можеме да го направиме како правда во иднина, еве се менува и законот за извршување на санкции, каде што еве како идеја би можело да ставиме, односно би било добро „извршувањето на казната да се врзе со последните 2 години на живеалиште од пред извршување на кривичното дело. На таков начин ние би избегнале оваа апсурдна ситуација, или ситуација која можеби по малку наликува на злоупотреба или излегување од правата рамка“,

вели Тупанчески во интервјуто.

И Камчев и Мијалков беа обвинети за кривични дела за кои е запретена долга затворска казна, во предметот познат во јавноста како „Империја“. Но и двајцата успеаја да добијат поволни казни со спогодба. По признанието на вина пред Обвинителството, Мијалков доби три години затвор и се согласи да му биде одземен имот во вредност од 30 милиони евра.
Бизнисменот Орце Камчев, пак, се договори за една година затвор и обврска да уплати околу 5,2 милиони евра во државниот буџет.

Прашан што мисли за спогодбите, министерот за правда Тупанчески одговара дека идејата кога тој механизам бил вовеведен била добра, но дека не може да каже дека дал резултат.

„Во принцип јас конкретни пресуди не коментирам, меѓутоа можам да зборувам за состојбите. Спогодувањето на вина претставува елемент или сегмент од прецедентното право којшто е пресликан во нашиот правен систем, посебно во Законот за кривична постапка. Идејата беше добра, во насока на тоа дека доколку постојат пододредени услови коишто се строго определени, заради економичност на постапката да се примени тој институт. Не можам да кажам дека имаме резултати на тој план. Дали имаме злоупотреба на институтот спогодување на вина е прашање за кое можеби треба да се дискутира и тоа е поразличен дискурс. Секогаш потенцирам дека казната мора да биде индивидуализирана и да биде во пропорција со неправото кое претходно било извршено, со квалитетот на неправо и она што се нарекува инкриминација. Без таква пропорција, ние не сме ја постигнале целта“,вели Тупанчески за РСЕ.

Back to top button
Close