Тупанчевски: Односите со Белград во последните две години се ренесансни, да продолжи интензивната соработка

Северна Македонија по неколку години ги пополнува испразнетите амбасадорски места во неколку клучни главни градови – Белград, Тел Авив, Пекинг, Бразилија, а нови амбасадори ќе има и во Варшава, во Берлин и во Букурешт. Идните амбасадори денеска пред собраниската Комисија за надворешна политика ги презентираат своите тези.

Собранискиот филтер претпладнево го мина новиот македонски амбасадор во Белград, Србија Никола Тупанчевски кој оцени дека  односите меѓу Северна Македонија и Србија имаат континуитет и квалитет, но дека во последните две години доживеале ренесанса имајќи ја предвид соработката во сите области и сектори. Смета дека тој тренд на квалитет и интензитет да продолжи и да се продлабочи.

-Практично со затворањето на прашањето за црквата, голем дел од тие отворени прашања веќе се ставени настана. Не значат дека нема да се отворат, како на пример што беше последните случувања што беа меѓу Република Србија и Северниот дел на Косово. Тоа е прашање за кое што не може да кажеме дека нема да има одреденирефлексии и врз нашата држава.Ќе треба да се биде внимателен и да се почитуваат сите одлуки што сме ги донеле како држава. Добри соседски односи, вели Тупанчевски.

Србија, кажа тој, е четврт трговски партнер на Северна Македонија, а туризмот е еден од секторите што треба и натаму да се развива. Според Тупанчевски во 2022 година имало дури 500 пати повеќе српски туристи во нашата земја.

-Ова треба да влезе во рубриката верувале или не. Српските туристи во нашата држава се 500 пати повеќе присутни отколку претходната година. Тој е тренд кој што е за поздравување и кој што треба да се одржува и натаму, рече Тупанчевски додавајќи дека треба да се истражи етимологијата на ова.

Иако Србија не е членка на НАТО, рече тој, во односите со оваа соседна земја треба да се остави простор и за соработка во безбедносниот сектор. Во делот на регионалната соработка, таа се одвива во рамки на иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес за што кај нас, според Тупанчевски, има различни перцепции.

Како први приоритети, новиот македонскиот амбасадор ги посочи отворањето на Културно-информативниот центар во Белград и на лекторатот по македонски јазик, а посочи и на потпишување на договор за заштита и користење на културните добра, како и отворање на граничен премин кај Лојане.

Пратеникот Антонио Милошоски, кој е и претседател на Комисијата за надворешни работи оцени дека предлозите за амбасадори се сосема соодветни за овие земји. Сепак, според него и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ повеќегодишното неназначување амабасадори во Белград, Бразилија, Пекинг… е резултат на несовесното работење на претседателот на државата Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Милошоски посочи дека во Кина немаме амбасадор седум години, во Србија шест години, во Израел 5,5 години, а во Бразил од април 2020 година. Според него, оставен е ваккум простор за равивање на севкупната соработка со овие земји,како и за добивање на соодветни инфорамции ообено за случувањата во Израел.

Пратеникот потенцира дека единствениот наш дипломат во амбасадата во Израел Мачеј Качаровски направил натчовечки напори да се спасат нашите државјани по нападот на Хамас.

Милошоски му укажа на Тупанчевски дека во Белград треба да се работи на префрлување на имотот на наши компании кои во поранешната држава имале свои канцеларии во Белград.

Членовите на Комисијата за надворешна политика ги разгледуваат и платформите за дипломатските активности на новите амбасадори – Андреј Жерновски во Романија, Шпенд Садики во Израел, Јасмин Ќахил во Полска, Сашко Насев во Народна Република Кина, Игор Попов во Бразил, Илбер Села во Германија, Џенг Сејфул во Шведска и Пајо Авировиќ во ОБСЕ.

Back to top button
Close