Турција: 27 години затвор за Џан Дундар

Турскиот новинар, кој живее во егзил во Германија, е осуден за шпионажа и за поддршка на терористичка група. Двете пресуди му одредуваат затворска казна од повеќе од 27 години, пишува Дојче веле.

Турски суд денеска го осуди познатиот опозициски новинар Џан Дундар, кој живее во егзил во Германија, на над 27 години затвор, поради помагање на терористичка група и шпионажа, пренесоа локалните медиуми.

Судот во Истанбул го прогласи Дундар, поранешен главен уредник на опозицискиот весник Џумхуриет, дека е виновен поради објавување на истражувањата во кои се наведува дека турските тајни служби им испорачуваат оружје на исламистички групи во Сирија.

Судот во образложението на пресудата наведе денеска оти Дундар е осуден на 18 години и 6 месеци затвор поради објавување на доверливи информации и шпионажа поврзани со објавата на истрагата за оружјето дадено на исламските вооружени групи во Сирија и на 8 години и 9 месеци затвор поради „помагање на терористичка организација“, во овој случај за мрежата на проповедникот Фетула Ѓулен.

Анкара смета дека Ѓулен, кој живее во егзил во Германија, го организирал државниот удар против претседателот Реџеп Таип Ердоган во јули 2016 година.

Дундар во мај 2016 година беше осуден во првостепениот суд на 5 години и 6 месеци затвор поради откривање на државни тајни, во случајот кој предизвика бес кај претседателот Ердоган. Оваа пресуда во 2018 година ја поништи високиот суд кој наложи ново судење на Дундар според обвинувања за шпионажа што носи потешка казна.Дундар побегна во Германија во 2016 година по неговата прва пресуда.

Во февруари 2016 година Ердоган го критикуваше турскиот Уставен суд наведувајќи дека „не ги почитува“ одлуките на највисоката судска инстанца во земјата која дозволила Дундар да биде на слобода додека трае судењето. Според одлуката на овој суд Дундар и Ердем Гил, тогашен уредник на Џумхуриет во Анкара, беа пуштени на слобода по над 90 дена во притвор

Back to top button
Close