Турција ја гарантира безбедноста на податоците за С-400 купени од Русија

Турција ја гарантира безбедноста на податоците за противвоздушните системи С-400 купени од Русија, изјави денеска Исмаил Демир, турски службеник задолжен за воената индустрија.

– Русија изрази загриженост за (безбедносните) податоци за С-400 и Турција ветува дека ќе ги заштити, изјави Демир за турски весник, а изјавата ја пренесува руската новинска агенција Тасс.

Минатиот месец, американскиот сенатор Џон Тун предложи измена на законот за национална одбрана што ќе им овозможи на Соединетите Американски Држави да купат системи С-400 од Турција, што, како што објави американскиот весник „Дифенс њуз“, ќе го надминат ќор-сокакот меѓу Вашингтон и Анкара во врска со учеството на Турција во американската програма за производство на борбени авиони од петтата генерација „Ф-35 Молња 2“.

Белата куќа на средината на овој месец соопшти дека одлуката на Турција да купи системи С-400 спречува трајно учество на земјата во проектот за производство на борбени Ф-35.

Русија во септември 2017 година соопшти дека потпишала договор од 2,5 милијарди американски долари за испорака на системот С-400 на Турција, а првата испорака е извршена во јули минатата година. 

Back to top button
Close