ТУРИ МУ ПЕПЕЛ

Најљубезно да го затвориме прашањето за работата на ДКСК. За век и векови, амин.

До дипломатските пасоши е проблемот. Да имаа сите членови на Антикорупциската комисија дипломатски пасоши како што има претседателката Татјана Димитровска, можеби и Цвета Ристовска, на која ѝ беше даден случајот за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски, ќе отидеше до Пловдив да го провери серификатот за англиски јазик што го издава некое студио „Јулија“, кое не издава ТОЕФЛ сертификати. Вака, членовите на Антикорупциската комисија едногласно одлучија дека тоа не е нивна работа.

И за претставката за дипломата на директорот Христовски од приватниот универзитет каде што завршил економија, Антикорупциската комисија рече дека не е нивна работа. Соопштија дека за „оспорената факултетска диплома надлежна институција која ги утврдува фактите е Државен просветен инспекторат“.

Па што чекаа три месеци? Што не кажаа антикорупционерите уште одма дека тоа не е нивна работа? Или, воопшто не ни знаат што им е работа. А, на крајот на краиштата, што има да се замараат со истражувања кога премиерот Христијан Мицкоски, веднаш штом бугарските медиуми во октомври објавија дека студиото во Пловдив издавало лажни ТОЕФЛ дипломи, рече дека тоа ќе го истражи Антикорупциската комисија, ама тој е уверен дека „сѐ е по закон“, оти „Христовски е чесен човек“.

Лакрдија е сериозна претстава во споредба со ова што ДКСК го изведе со известувачот Цвета Ристовска и одлуката за Бојан Христовски.

И што има сега Антикорупциска да се занимава со било што и било кој што има некаква врска со владејачката партија, кога знаеме како делува оваа институција во време на ВМРО-ДПМНЕ. Се сеќавате на Комисијата од 2016, кога тогашниот претседател Горан Миленков на барањето на новинарите да го покаже имотниот лист на Никола Груевски изјави: „Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови, амин“.

Така што, тури ѝ пепел на оваа Антикорупциска комисија и на „робустната“ борба против корупцијата. Тури им пепел и на сите американски, швајцарски, холандски, германски и којзнае уште чии сѐ донации на странски даночни обрзници за македонската борба против корупцијата. Тури ѝ пепел на Антикорупциска комисија што наместо да соработува со медиумите, се кара со новинарите што истражуваат корупција и што се повикуваат на официјални биографии објавени на официјлните сајтови и на ДКСК, и на Собрание и на АНБ, а како што тргнала работата, ќе учествува и во лични хајки. Што да очекуваш од антикорупционери на кои им требаа повеќе од два месеца да откријат една таква банална работа како што беше дали премиерот од лична сметка ја платил авионската карта за син му за Вашингтон, кога го придружуваше на Самитот на НАТО во јули. Нешто што се открива со еден клик. А најинтересен детаљ од предметот за директорот на АНБ е тоа што, за разлика од него што положил 40 испити на приватен економски факултет за една година, Ристовска што го истражувала предметот студирала економија на државен универзитет 10 години.

Впрочем, се виде нивното уште со првиот потег кога побараа дипломатски пасоши оти имале многу покани за патување во странство. Одат на обуки во САД и ЕУ да учат борба против корупција. Таму учат дека треба да си обезбедат привилегии прво за себе.

На последната седница на ДКСК јавно поставивме прашање дали, покрај претседателката Димитровска, дипломатски пасоши добиле и останатите членови на ДКСК? Не ни одговорија. Толку и од транспарентноста.

Така што, ич да не се занесуваме дека воопшто имаме некаква независна институција што ќе предупредува на корупција и непотизам во јавните институции. И најљубезно да го затвориме прашањето за работата на ДКСК. За век и векови, амин.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК 

Back to top button
Close