Туристички протоколи за патување на Кипар

– За 19 земји, поделени во две групи според епидемиолошката слика и степенот на опасност, Република Кипар на 9 јуни ќе ги отвори границите за туристите, но под строги правила и прописи, согласно туристичките протоколи кои предвидуваат тестови за одредени земји, потпишана декларација од сите посетители, но и грижа во случај турист да се зарази со Ковид-19 за време на престојот на островот, јави дописничката на МИА од Атина.

До 20 јуни, за сите туристи ќе биде потребен тест направен 72 часа пред патувањето на Кипар.

Со земени предвид епидемиолошките податоци, репродукцискиот број Р, дневните нови случаи, седмичниот број на смртни случаи и спроведени тестови на 100.000 жители, Кипар состави две листи на држави – една со ниска, друга со зголемена опасност.

Во првата група земји со ниска опасност се Малта, Грција, Бугарија, Норвешка, Австрија, Финска, Словачка, Унгарија, Израел, Данска, Германија, Словенија и Литванија и за нив, од 20 јуни не се предвидени никакви рестрикции и нема да биде потребен тест.

Во втората група со зголемена опасност во споредба со првата, се Швајцарија, Чешка, Полска, Романија, Хрватска и Естонија и ќе биде задолжителен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето. Доколку не е изводливо правење тест во конкретните земји, Кипар нуди тестирање на аеродромите кое чини 60 евра, а резултатите ќе бидат готови по 24 часа, период во кој туристот ќе биде во самоизолација во хотелот во кој ќе престојува.

За земјите кои не се вклучено во двете категории, дозволен ќе биде влез само за посебни околности и по одобрување од кипарската Влада.

Листата на држави ќе се ажурира седмично и отворена е можноста да се додаваат или отстрануваат земји, во зависност од епидемиолошката слика.

Туристите кои ќе патуваат за Кипар потребно ќе биде да пополнат и „Ковид-19 патничка изјава“ што ќе содржи информации за тоа дали лицето патувало 14 дена пред посетата на Кипар; потврда дека претходните две седмици не патувало или живеело во земја што не е вклучена во листите; потврда дека 72 часа пред патувањето не се појавиле симптоми поврзани со Ковид-19 и не бил во контакт со заразено лице; изјава дека на Кипар доаѓа на своја одговорност, а државата и туристичкиот објект во кој ќе престојува не носат одговорност доколку се зарази, како и во случај да се појават симптоми на 14 дена по заминувањето од островот, дека туристот, ќе ги известат здравствените власти на Кипар.

Кипарските власти, согласно туристичкиот протокол, имаат подготвено план во случај некое лице да се зарази со Ковид-19 за време на престојот на островот, а државата ќе ги покрие трошоците за сместување, храна и лекови за туристот, кој единствено ќе треба да си го плати авионскиот билет за враќање дома.

Предвидена е Ковид-19 болница со 100 кревети, наменета за позитивни туристи, а доколку кај некој од нив се појават критични симптоми, достапни се 112 единици за интензивна нега со 200 респиратори.

Паралелно ќе има хотели -карантин со 500 соби за блиските контакти на лицата позитивни на новиот коронавирус.

Според кипарската новинска агенција ЦНА, конкретниот протокол за функционирањето на Кипар како туристичка дестинација, бил испратен до партнерите на земјата во странство, а дописот е потпишан од надлежните министри за надворешни работи, за транспорт и туризам.

Back to top button
Close