Туристите од Романија први по позитивните случаи на Ковид-19 во Грција
– Романија, Бугарија, Србија, Албанија и Шведска се првите пет земји со најголем број позитивни случаи на Ковид-19 во Грција, според податоците од Генералниот секретаријат за цивилна заштита, јави дописничката на МИА од Атина.
Во периодот од 1 јули до 16 август, заразени со коронавирусот се 615 посетители во Грција, од кои 364 се од направените тестови на аеродромите, 234 на копнените граници, а 17 на пристаништата.
Од овие 615 заразени туристи, 88 се од Романија, 86 од Бугарија, 80 од Србија, 63 од Албанија и 29 од Шведска.
Според податоците за конкретниот временски период активни се 233 случаи, 303 туристи се вратиле во нивната земја, а 79 се неактивни и остануваат во Грција.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, вчера рече дека зголемениот број позитивни случаи на Ковид-19 во земјата не се должи на туризмот, бидејќи од вкупниот број заразени од 1 јули, 17 отсто се кај туристите во Грција, а останатите 83 проценти во внатрешноста на земјата.ср/сд/